Откако вчера беа објавени имињата на ученици кои ќе бидат стипендирани во учебната 2018/19, по објавениот јавен конкурс, Комисијата за доделување стипендии, денеска ја утврди листата на студенти кои ќе добиваат студентска стипендија од Буџетот на општина Делчево. На конкурсот се пријавиле 14 кандидати, од кои четири студенти се пријавиле по однос на првиот утврден критериум предвиден со Конкурсот, а десет апликанти по однос на вториот утврден критериум.

Oд вкупно четирите апликации согласно со критериумите објавени од Конкурсот, општина Делчево додели три стипендии

-Вкупно три стипендии добија студентите Васко Стоиловски, Моника Стоиловска и Мери Витановска. Ова се студенти кои студираат на државните универзитети во РМ, редовни студенти со континуиран успех над 8,00 и студенти кои не повторувале во текот на студирањето. Родителите на овие студенти се невработени, со ниски месечни примања или приматели на социјална помош. Износот на месечната стипендија за оваа категорија студенти изнесува две илјади денари, средства кои ќе им бидат доделени во период од девет месеци во текот на студиската 2018/2019 година, информираат од надлежната комисија при Општина Делчево.

Согласно вториот критериум Општина Делчево додели стипендии и на студенти кои студираат на државните универзитети во Република Македонија со особено висок успех во студирањето, односно студенти на техничките факултети и медицински науки кои постигнале просечен успех од најмалку 8.00 и студенти на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите кои постигнале просек 9.00. Согласно со овие критериуми, од пријавените десет, комисијата одлучи стипендија од Општина Делчево да добијат студентите Мери Мицевска, Антонио Пановски, Драгана Тасевска, Веселинка Гоцевска, Кети Соколова и Стефанија Гоцевска.

Износот на месечната стипендија за овие студенти е 3500 денари, а стипендијата ќе се добива за период од девет месеци во текот на студиската 2018/2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2018 18:14