Дебарските жени и годинава, најчесто својата рожба на свет ја донесуваа во гинеколошкото одделение во Општата болница во Струга.
-Во нашето одделение до сега родени се 135 бебиња, чии мајки се од општините Дебар и Центар Жупа. Кај 85 од родилките извршен е царски рез. Кај нас секогаш се добро примени и кога станува збор за контроли во текот на бременоста, велат од Општата болница во Струга.
Од друга страна во гинеколошкото одделение во Општата болница во Дебар, бебешки плач се слушнал само 27 пати во текот на годинава.
-Породувањето на жените од нашиот крај во Струга, е главно по нивна волја. Поради немање доволно кадар во нашата болница најверојатно тие се чувствуваат посигурни. Но,овој проблем се надеваме многу брзо, веќе од почетокот на новата година, да биде надминат. Во тек сме на разговори со раководство на болницата од Струга да може нивни гинеколози да доаѓаат кај нас, со што ќе има 24-часовно присуство на гиниколог, вели Баки Алили, директор на Општата болница во Дебар.
И пред неколку години во дебарската престојуваа гиниколози од струшката болница, а пред нив и гинеколози од клиниката од Чаир.
Според Алили болницата на специјализација има еден гинеколог и еден анестезиолог, треба да се вратат во првата половина на идната година, со што се очекува подобрување на состојбата со потребниот кадар.
Дебранки, во помал број се породуваат и во Скопје, Охрид и Тетово.