Сушата во источна Македонија им ја задоцни есенската сеидба на житните култури. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев вели дека периодот без врнежи од пет до шест месеца во овој регион ќе им ги намали приносите на пченицата и јачменот за наредната година, а како што вели првично се проценува дека ќе бидат намалени од 60 до 70 отсто. Засега неможе да се предвиди, колкави се површините засеани под лебно зрно и храна за добитокот, бројките ќе се видат откако земјоделците ќе се пријават за добивање на државна помош, односно субвенции.
-Почетокот е многу лош, мислам таква суша и такво доцнење на сеидбите не е запаметено. Земјоделците се трудеа, колку можеа, што би рекле на брзина, непочитувајќи ги сите норми, временски ограничувања. Некои чекаат семе, па не можеа да го дочекат, вели Шаклев.
Тој забележува дека сега ќе се молат она што ќе никне да не го изеде мразот, а лошиот почеток може делумно да го спасат пролетните дождови. Нивите кои есента останаа незасеани се очекува да бидат обработени во текот на пролетта, кога ќе можат на нив да засеат пченка или сончоглед. Шаклев истакна дека климатските промени не им одат во прилог и затоа треба и веќе да се менуваат и земјоделските навики, но и она што ќе се сее или сади на нивите.