Ослободување од плаќање на данок на имот за кавадаречките бранители од конфликтот во 2001 година, ваква одлука едногласно донесе Советот на општина Кавадарци, по барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери.
Советникот Тони Нешковски појасни дека се работи за околу 300 до 400 бранители. За да бидат ослободени од плаќање на данок на имот за 2019 година, тие ќе треба да достават потврда од соодветно министерство, за внатрешни работи или одбрана.
Ваквата одлука, додаде тој, треба да биде дополнително разгледана и одобрена и од Министерството за финансии.
Ослободувањето се однесува за данокот на имот за 2019 година. За наредните години, како што рече Нешковски, барањето може и да се надогради, па можно е бранителите да бидат ослободени и од дополнителни давачки.