Во организација на македонското друштво „Сонце” и во соработка со Универзитетот „Фан Ноли” од Корча, денеска со почеток во 11 часот на Земјоделскиот факултет во Корча, ќе се одржи научен симпозиум за животот и литературното дело на Стерјо Спасе.

На симпозиумот, на кој со свои трудови ќе учествуваат научни работници од Албанија и од Македонија, претседателот Илир Мета на членовите на семејството на Стерјо Спасе ќе им го врачи признанието „Витез на редот на знамето” со кое постхумно го одликува.

– Со организирање на овој научен симпозиум сакаме да го чествуваме и почитуваме, колосот на албанската модерна литература, Стерјо Спасе, кој никогаш не го криеше своето македонско потекло. Со делата што ги остави зад себе, направи истовремено да се чувствуваат горди и албанскиот и македонскиот народ, за што треба да му бидеме многу благодарни, вели Васил Стерјовски, претседател на МД „Сонце“.

Стерјо Спасе е роден во селото Глобочени, Мала Преспа во 1914, а починал во Тирана во 1989 годна. Тој е афирмиран писател со македонско потекло и е еден од најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа.

Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР. Автор е на петнаесеттна романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?“, кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село.

И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Република Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Албанија во Република Унгарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2018 15:04