Советот на Општина Виница на денешната седница го изгласа вкупниот буџет за наредната година во висина од 290 милиони денари, од што 105 милиони се за основниот буџет.

Оваа сума е за околу 10 отсто пониска во споредба со предложениот нацрт-буџет, односно ќе биде искажан дефицит од околу 14 милиони денари. Причина за тоа е што до крајот на оваа година не се реализирани дел од планираните приходи, меѓу кои околу два милиони денари од продажба на градежно земјиште.

-Буџетот што го усвоивме се вклопува во насоките што ни беа дадени од Министерството за финансии, односно го зголемивме за десет отсто во споредба со просекот од последните три години. Оценка е дека се работи за реално финансиско планирање, а тоа уште отсега гарантира дека инфраструктурните и други проекти ќе можат да се реализираат со повеќе од 80 отсто. Таква реализација на буџетската програма кај нас никогаш не се случила, односно во последните неколку години исполнувањето на капиталните инвестиции било со една четвртина од вкупно планираното, истакна Ивица Димитров, градоначалник на Виница.

Нешто помалку од половина од основниот буџет виничката локална самоуправа догодина ќе го троши на капитални проекти, во најголем дел за изградба на комунална инфраструктура, а остатокот за набавка на опрема и враќање на долгови по основ на кредити.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2018 17:41