На сцената на Националната установа Центар за култура Крива Паланка вечерва се одржа фестивалот на детска песна „Распеано симитче” 2018. Фестивалот е возобновен по деценија и пол, организатор е Центарот за аудиовизуелни уметности Крива Паланка, предводен од директорот Методи Цветковски, НУ Центар за култура од Крива Паланка, во соработка и под покровителство на општина Крива Паланка.

На ова четврто издание на фестивалот беа изведени 15 новокомпонирани детски песни, во интерпретација на вкупно 16 музички таленти од Крива Паланка, кои се претставија пред преполната сала во придружба на хорот Распеани симитчиња.

Соработници на фестивалот се Националната установа Центар за култура Крива Паланка, Локалната установа Градски музеј, студио “С М” на Сашо Митковски, Драмскиот театар и професор Енчо Ковачев и режисерот Бранимир Митов од Благоевград, Република Бугарија.

Талентираните млади солисти ја надополнија културната програма за најмладите во градот со референците: “Генијалец на тато”, “Есен”, “Домашно диско”, “Љубов ли е” и многу други, а фестивалот ја збогати културната мапа на градот и Македонија со уште еден детски фестивал кој ќе продуцира хитови на новото време што ќе се пеат со генерации.

Втора фестивалска програма ќе се одржи и утре, со дневен термин на пладне и вечерен термин закажан за 18 часот.

Со “Распеано симитче” започна предновогодишната културна програма во организација на локалната самоуправа на Крива Паланка која продолжува во сабота со настаните во соработка со училиштата од градот, дефиле на Дедо мраз и концерт на Влатко Лозаноски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2018 01:56