ОКТА донираше дигитален логопедски сет во Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“ во Скопје. Со тоа компанијата ја продолжи праксата, финансиските средства предвидени за купување корпоративни подароци за бизнис партнерите да ги пренамени во донации за подобрување на условите за работа во институциите кои се грижат за најранливите категории. Ова се спроведува веќе 4-та година по ред и стана дел од компаниската предновогодишна, празнична традиција.

Со средствата е набавен дигитален логопедски сет, кој претставува високософистициран инструмент за обработка на звучниот сигнал. Логопедскиот сет е погоден за третман на различни говорни пореметувања, како и за рехабилитација на говорот и слухот кај децата со оштетен слух. На тој начин ќе придонесе да се подобри квалитетот, но во исто време и да се зголеми бројот на логопедски третмани во Заводот.

По тој повод, во просториите на установата која оваа година го прославува својот 60 годишен јубилеј, донираната опрема беше претставена пред вработените. На настанот покрај претставниците на ОКТА беа присутни и д-р Злате Мехмедовиќ, директор на ЈЗУ „Здравствен дом“- Скопје, економскиот директор Бесим Кока, како и управничката на Заводот, д-р Лидија Трпеска Попоска, кои ја изразија својата искрена благодарност од името на целиот колектив и најмладите пациенти, директни корисници на донацијата. Тие потенцираа дека оваа донација ќе овозможи подобрување на квалитетот на здравствените услуги и на стручните третмани.

Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост” е здравствена институција во која се третираат пациенти со посебни потреби и развојни пореметувања. На годишно ниво, во Заводот се вршат просечно по 13.000 прегледи на пациенти од целата држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2018 14:24