Малиот групен дом во Штип ќе се отвори на почетокот на наредната година. Во него ќе бидат сместени четири дечиња, кои сега се згрижени во Домот без родители „11 Октомври“ – Скопје. Директорот на Центарот за социјални работи -Штип Станко Димитров вели дека капацитетот е за седум деца, но на почетокот ќе стартуваат со грижа на четири дечиња.
-Малиот групен дом е опремен, сите работи се во завршна фаза, опремата е монтирана. Персоналот е примен, обврска на Центарот за социјални работи – Штип е да учествува со тројца стручни работници и тоа педагог, психолог и социјален работник. Тоа се нови вработувања, кои се извршени од 25 декември и ќе имаме двајца негователи од локалната самоуправа. Тоа е договорна обврска, вели Димитров.
МИА кога го посети Малиот групен дом беше затворен, бидејќи како што вели Димитров забележува вработените мора да поминат и низа на обуки и да се запознае со дечињата кои ќе бидат згрижени во него, а се на возраст од осум до 12 години.
Малиот групен дом се наоѓа во штипската населба „Пребег“, каде што на долниот кат е Центарот за аутизам, додека на горниот кат е домот, во кој ќе се згрижат децата без родители и родителска грижа. Проектот се реализира во соработка со општината, Министерството за труд и социјална политика и Центарот за социјални работи-Штип.