Учениците од Куманово ги оценуваа возачите, прописно паркираните со пет, непрописно со единица. Активноста се реализира во соработка со СВР Куманово и општина Куманово во рамки на кампањата „Недела на безбедност во сообраќајот во Куманово“. Екипите на отсекот за превенција, на општина Куманово и ученици од сообраќајните тимови и полицијата поделија флаери на возачите во Куманово.
-Учениците и полицијата ќе направат и анкета со која ќе се изврши согледување за неколку прашања, дали некогаш поминале на црвено, дали користат мобилен додека возат, дали им даваат предност на пешаците, дали возат побрзо од ограничувањето. Се надевам дека одговорите ќе бидат искрени, изјави Виолета Богдановска од отсек за превенција од СВР Куманово.
На овој начин сметаат надлежните ќе се упати порака и ќе се влијае на свеста за совесно и одговорно возење, особено пред и околу училиштата.
Бојан Петковски од општина Куманово, вели дека спроведувањето на законските регулативи значајно влијае на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Утревечер, во угостителските објекти, ќе се спроведе истражување и на оние возачи кои не конзумирале алкохол ќе им бидат врачени зелени картони, а на возачите кои конзумирале алкохол ќе им се даде црвен картон и препорака да користат такси превоз. Во понеделник, во рамки на кампањата ќе се поделат флаери на бензински станици, на места каде има поголема фрекфенција, со цел подигање на јавната свест за почитување на сообраќајните правила и прописи.