Низа од хуманитарни акции денеска се одвиваа во Општина Кисела Вода, во пресрет на новогодишните празници.
Утринава, градоначалникот на Општина Кисела, Вода Филип Темелковски и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов, ги посетија учениците од ДУРДМОВ “Димитар Влахов”. Пред украсената елка дечињата испејаа песна, додека Дедо Мраз им подели новогодишни пакетчиња кои се донација од бугарската амбасада и бугарското МНР.
– Пред се благодарност на амбасадорот на Република Бугарија во РМ и на директорот на училиштето “Димитар Влахов” што денеска го имаме овој настан бидејќи новогодишните празници се денови кога треба да си подадеме рака, да направиме некое добро дело. Нормално, тоа треба да го правиме и сите останати 364 дена во годината. Да ја испратиме старата година и да ја дочекаме новата, и нормално да соработуваме сите заедно. Таков беше и денешниот настан, каде што во организација на бугарската амбасада се поделија пакетчиња на дечињата од училиштето “Димитар Влахов”. Се надевам дека и во иднина ќе соработуваме со бугарскиот амбасадор. И досега имаме одлична соработка во различни проекти, а и во иднина ќе соработуваме и со училиштето “Димитар Влахов”, каде што имаме неколку проекти-почнувајќи од градината што ја правевме. Се надевам дека во иднина ќе имаме и многу други проекти, за да се подобрат условите во училиштето, а со тоа и да ја разубавиме нашата општина, бидејќи ова училиште е на територија на општина Кисела Вода. Уште еднаш честитки до сите и среќни Новогодишни и Божикни празници – изјави градоначалникот Филип Темелковски.
– Денешниот настан беше дел нашата хуманитарна претпразнична акција во која дадовме 850 пакетчиња на деца со различни проблеми со цел тие деца да се чувствуваат што е можно повеќе интегрирани во општеството и малку да ги израдуваме пред празниците. Им посакувам среќни Новогодишни и Божикни празници – изјави амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Ангел Ангелов.
– Градоначалникот на Кисела Вода навистина покажа дека се грижи за сите, а во овој случај за нашите ученици на кои им посветува посебно внимание. Токму во оваа прилика огромна благодарност до градоначалникот. Исто така голема благодарност и до амбасадорот на Република Бугарија, за грижата што ја покажува амбасадата за нашите ученици. Навистина оваа честитка за нашите ученици претставува една голема честитка за 2019 година затоа што секоја грижа за нив и секое внимание многу значи – истакна директорот на ДУРДМОВ, Горанчо Јакимовски.
Пакетчиња кои се лична донација од градоначалникот Филип Темелковски добија и дечињата од Дневниот центар за деца од улица, лоциран во општина Кисела Вода. Се работи за дваесетина дечиња евидентирани како питачи или деца во ризик. Истите се претставија со приредба, а на градоначалникот му подарија честитки кои самите ги изработиле.
Градоначалникот Темелковски дискутираше со вработените во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје во чии рамки функционира Дневниот центар за деца на улица -Кисела Вода за наредните чекори за можна соработка која би довела до подобри услови за дечињата кои тука го минуваат своето секојдневие.
Донација од прехрамбени артикли добија денеска и неколку социјално загрозени семејства кои живеат на територија на општина Кисела Вода. Оваа хуманитарна активност во пресрет на Новогодишните и Божикните празници, се организира од страна на припадниците на полкот за Специјални Операции од Армијата на Република Македонија во соработка и поддршка од Општина Кисела Вода. Донацијата се состои од млечни производи, чоколада и сувомеснати производи. Припадниците на баталјонот за Специјална Намена – Волци и припадниците од Ренџерскиот баталјон – Ренџери својот еднодневен оброк одлучија да го дадат на оние кои во моментот тоа им е попотребно. Заедно со нив, во посета на социјално загрозените семејства, беше и шефот на кабинетот на градоначалникот, Горан Петковски.
Хуманоста е одлика на секој припадник на АРМ а особено на припадниците на полкот, а Општина Кисела Вода во многу наврати, па и денес, има покажано и докажано дека се грижи за сите свои жители, вклучително и социјално загрозените.