Со чесен и домаќински пристап, добро менаџирање и користење на сите расположливи потенцијали, знаења и капацитети и заедничка работа со општинската администрација во годината што изминува работевме на реализација на предвидените проекти и програми, обезбедување одржлив развој и перспективна иднина на жителите на Крива Паланка. Ова денеска го истакна градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски во своето новогодишно обраќање на кое изрази благодарност до Владата на Република Македонија за помошта за отпочнатите проекти во текот на 2018 и се што ќе се случува во наредниот период на инвестициски план. – Од осамостојувањето на Македонија во регионот на Крива Паланка не се случиле инвестиции во висина од 220 милиони евра кои се огледаат во: изградбата на железничката пруга во висина од 145 милиони евра, експресен пат Ранковце-Крива Паланка во висина од 58,5 милиони евра, рехабилитација на постоечкиот патен правец Крива Паланка-Деве Баир 13,5 милиони евра, рехабилитација на постоечкиот пат од Ранковце кон Крива Паланка и низа други активности во областа на земјоделието, руралниот развој, рамномерниот регионален развој, само дел од она што може да придонесе кон социо-економско зајакнување и заживување на Крива Паланка и на регионот како атрактивна дестинација на паневропскиот коридор 8, изјави Мицевски. Наброја дел од активностите реализирани годинава за подобрување на локалната патна инфраструктура, водоводна и канализациона мрежа. – Извршена е санација на свлечиштата во село Дурачка Река и изградени се над 10 потпорни ѕидови во урбаниот дел, поставени се првите 8 автобуски стојалишта, поставена е првата станица за полнење на електромобили, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по 40 години извршена е реконструкција на метеоролошката станица. Извршивме ренов реализиравме и проект за модернизација на уличното осветлување, со што имаме значителна заштеда во потрошувачката на електрична енергија, заменети се над 2.800 метри азбестни цевки во водоводната мрежа, извршена е рехабилитација на водоводи во неколку села, а изграден е и примарниот цевковод на нов водовод во село Луке, ја завршивме изградбата на новата пешачко-рекреативна патека во должина од 870 метри, додаде Мицевски. Ја потенцира транспарентноста во работењето на општината, поддршката на НВО и спортски здруженија, нови културни манифестации организирани со ЛУ Градски музеј, НУ Центар за култура локалните образовни институции и невладини организации. Најави и бројни проекти кои ќе се реализираат во следните години и ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот во градот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2018 16:00