Традиционалниот новогодишно-божиќен концерт на учениците од СОУ „Јане Сандански“ ќе се одржи в петок на големата сцена на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.

Годинашново деветто издание на празничниот и тематски концерт го носи името „One way ticket“. Музичарите и солистите од струмичката гимназија ќе ги исполнат хитовите кои ги полнеле подиумите во минатиот век.

– Се надевамe дека публиката ќе ужива во заразните диско звуци од ABBA, Bee Gees, Boney M и многу други изведувачи, информираат од Гимназијата „Јане Сандански“.

На концертот ќе настапат солисти, инструменталисти, хорски и танчарски групи под менторство на професорите Анита Станковска, Денис Кирчанов и Полина Ашикова.

Покрај првиот концерт, кој е закажан во 19 часот в петок, поради големиот интерес на публиката веднаш ќе се одржи и вториот.

Средствата од концертот ќе бидат наменети за обезбедување музичка опрема во кабинетот по музика на струмичката гимназија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/01/2019 11:18