Течат последните подготовки за првата Бадникова поворка која по повод Христовото раѓање – Божик, на 6-ти јануари ќе се одржи во Делчево. Учество на Божиќната поворка како што информираат од Свештенството при црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од Делчево може да земат сите заинтересирани дечиња како и повозрасни граѓани.
Старешината на црквата протоереј Александар Васев, вели дека пријавувањето за учество на настанот ќе трае до 4-ти јануари, петок.
-Бадниковата поворка во Делчево на 6-ти јануари ќе тргне од 10 часот од храмот „Успение на Пресвета Богородица“ и истата ќе се движи до параклисот „Свети Kлимент“ и пак враќање до старата црква, каде децата ке бидат пречекани и ќе им бидат поделени Божиќни подароци. Испраќаме топол повик, до сите деца, родители, до сите граѓани од Делчево, да се собереме во поголем број и да го привлечеме Божјиот благослов за нашиот Македонски народ, истакна Васев.
Од црквата „Успение на Пресвета Богородица во Делчево“ се надеваат дека со Бадниковата поворка ќе се возобнови една прекрасна древна традиција, која насекаде во Македонија, веќе прерасна во еден од најмасовните собири, што радосно ги обединува најмладите од целата држава.
На Божик, огромни групи на дечиња ќе се соберат за радосно да го најават Христовото раѓање и да ја пренесат топлата празнична порака, пеејќи ја старата Бадниковата песна „Вечниот Бог“.