Времето е облачно со повремени врнежи од снег. Повеќе врнежи ќе има во западните и јужните делови. Денеска и утре ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер што на места ќе достигнува брзина над 70 километри на час.
Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), времето утре ќе биде претежно облачно со умерен, повремено засилен северен ветер и со провејување на снег. Во јужните делови ќе има повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет.
Под влијание на многу студена воздушна маса до средината на наредната седмица времето ќе биде променливо и студено. Утринските температури ќе бидат во интервал од минус 14 до минус шест, а дневните на повеќе места во текот на целиот ден ќе се задржат под нула. Благо покачување на дневните температури ќе има во недела кога се очекува да бидат во интервал од минус три до шест степени, а ќе има и повремен слаб снег.