Сменети се паноата во Спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур во кавадаречкото село Ваташа, 42 години од отворањето на објектот за посетители. Директорката на кавадаречкиот музеј, Весна Ѓорѓиева информира за МИА дека станува збор за проект од национален интерес за реновирање и дополнување на историската поставка, поддржан од Министерството за култура.
– Во рамки на проектот, сменети беа старите паноа кои беа оштетени, поради пукање на цевка и влага. Се санираше и оштетувањето на ѕидовите од самата влага, а се поправи и влезната врата. Се исчистија и средија фотографиите кои говорат за животниот пат на Пинџур, појаснува Ѓорѓиева.
Раководител на проектот беше историчарот Марија Михова, а во неговата реализација учествуваа и другите вработени во кавадаречката музеј галерија.