Со почетокот на новата 2019 година, водата во Делчево ќе се наплаќа според новите пресметки, според кои ќе поскапе за три денари. Како што информираше директорот на комуналното претпријатие „Брегалница“ Стојче Стојковски, новите сметки за потрошена вода за пиење ќе се темелат согласно пресметките на регулаторната комисија за енергетика. -Иако првично постоеше предлог поскапувањето да биде меѓу пет и шест денари, од страна на Регулаторната комисија за енергетика која ја одредува цената на водата беше прифатено зголемувањето на цената на водата да не биде повисоко од три денари. Согласно ова, за очекување е новите сметки за потрошена вода за потрошувачите да бидат повисоки за не повеќе од 50 – 60 денари за домаќинство, вели Стојковски. Старата цена на водата во Делчево изнесуваше 26 денари, а со новата цена граѓаните ќе плаѓаат по 29 денари за метар кубен. Од нова година за 2,8 денари се зголеми и цената на отпадните води која во 2018 изнесуваше осум денари, а сега новата цена изнесува 10,8 денари. Последното зголемување на цената на водата во Делчево се случило во декември 2009 година. Граѓаните на Делчево заедно со граѓаните на Виница пијат најевтина вода во Источниот регион.