Корисниците на социјална парична помош во Кичево од 26 декември 2018 година можат да ги обноват документите за добивање помош, информираа денеска од Центарот за социјални работи во Кичево.
Обновата се спроведува согласно Законот за социјална заштита, а корисниците на социјална парична помош се должни да поднесат ново барање во тековната година.
-Ние имаме сериозна бројка на корисници на социјална парична помош, околу 600 корисници, кои треба да поднесат ново барање. Барањата ќе може да ги добијат во нашата установа, додека со себе треба само да понесат лична карта, односно лична карта на сите полнолетни членови, изјави раководителот по правни работи на Центарот за социјални работи во Кичево, Ариан Имери.
Податоците кои се потребни за преиспитување на материјалната состојба на семејството, Центарот ги добива по службена должност од соодветните институции: УЈП, МВР, АВРМ и останати институции.
-Со обновата стартувавме од 26 декември минатата година, а ќе трае до 28 јануари оваа година. Исто така во тек е обнова на документи, односно поднесување на барање на корисниците на постојана парична помош, што стартуваше на 26 декември и ќе трае до 28 јануари и од оваа категорија имаме 87 корисници, информира Имери.
Во однос на корисниците на постојана парична помош, во која влегуваат лица постари од 65 години, лицата неспособни за работа и самохраните родители на деца до три годишна возраст, потребна е дополнителна документација.