Во Велес и поширокиот велешки регион заедно со општините Градско и Чашка минатата година 778 деца (98,2 проценти) од вкупно 790 деца на шестгодишна возраст ја примиле вакцината против морбили, рубеола и паротит (МРП). Тие од своите родители, а согласно календарот за имунизација навреме биле донесени на покана и во одредениот термин ја примиле оваа превентивна вакцина, информира за МИА доктор Пандели Божиков од Школскиот диспанзер при ЈЗУ Здравствен дом Велес.
– Со ова само потврдуваме дека како и во изминатите години здравствената установа во Велес е лидер во Македонија по опфатеност со вакцинација со МРП вакцината – потенцира доктор Божиков.
Тој појасни дека тоа се должи на напорната работа на тимот лекари и сестри на Школскиот диспанзер, кој континуирано оди на терен во градот и во сите села во регионот и континуирано во текот на целата година ја врши потребната превентивна имунизација на најмладите-децата.
– Со ова придонесуваме превентивно да се заштити здравјето на децата од поширокиот велешки регион, а кој еден од ретките во земјава кој со години наназад, па и во 2018 година може да се пофали со вака голем опфат на вакцинираност – рече доктор Божиков.
Тој додаде дека и опфатеноста со вакцинацијата против заушки, дифтерија, хепатит Б, детска парализа и другите болести на школските деца во Велес и велешкиот поширок регион е над 96 проценти.