Во Струмичкиот регион лани е забележан помал број пожари во споредба со 2017 година. Според командирот на Територијалната професионална противпожарна единица, Александар Гудев, биле забележани 511 пожари, додека пред две години имало 542.

Додава дека најголем број пожари се случиле во септември и октомври лани и тоа на отворен простор. Тогаш струмичките пожарникари гаснеле 189 пожари. Од нив 166 пожари биле на отворенo.

Според Гудев, причината за зголемиот број на пожари во септември и октомври се должи на долготрајната суша, но и на невниманието на граѓаните.

-Неспоредлив е бројот на интервенциите во овие два месеци со тие во летните месеци, како и со истиот период во 2017 година. Во август лани сме имале 34 интервенции на отворен простор, а во јули само 12, информираше командирот Гудев.

Апелира до граѓаните да внимаваат на појава на пожари во било кој период од годината, бидејќи на почетокот на ова година веќе се регистрирани првите пожари на отворено, кога била запалена сува трева и стрниште.

Во последните неколку години бројот на пожарите во Струмичко е во постојан пораст. Во 2014 година имало 317, во 2015 година-379, во 2016 година-381, во 2017-542 и во 2018-511 пријавени пожари. Карактеристично е што значајно учество во вкупниот број пожари имаат тие што се случиле на отворено, потоа во објекти, а заначителен дел отпаѓа и на техничките интервенции.

Територијалната професионална противпожарна единица ја покрива територијата на општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2019 17:38