Традиционалната прослава на големиот христијански празник Бадник во Крива Паланка ќе се одржи в недела, 6-ти јануари, а локалната самоуправа на општина Крива Паланка ќе ја организира без палење оган.

– Поради зголеменото загадување на воздухот и негативните последиците по животната средина и оваа година општина Крива Паланка ќе се воздржи од палење бадникарски оган на градскиот плоштад и во исто време упатува апел сите сограѓани да го избегнат палењето оган при организирање на маалските собири и прослави, посочија од службата за информирање во Општина Крива Паланка.

Бадникарската прослава ќе се одржи на централниот градски плоштад во периодот од дванаесет до четиринаесет часот.

Кум на годинашната прослава ќе биде министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, а прославата ќе биде во духот на христијанската традиција со славска посна трпеза, осветени лепчиња со паричка, делење топла ракија и чај и бадникарски гранчиња.

Општина Крива Паланка ги покани сите граѓани да присуствуваат на градскиот плоштад и заеднички, сплотени и со радост да го прослават Бадник, убавиот ден во пресрет на Христовото раѓање-Божиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2019 17:41