Висината на снежната покривка во Крива Паланка и Кривопаланечко изнесува околу пет сантиметри на повисоките места над 1.000 метри надморска височина, додека во централното градско подрачје истата е околу три сантиметри.

Од Подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување, Крива Паланка инфомрираат дека поради ниските температури кои во текот на ноќта достигнаа и десет степени под нулата, врнежите од снег не се интензивни.

-Сите патишта, локални и регионални засега се проодни. Според информациите од терен, и на повисоките планински места не се формира поголема снежна покривка поради исклучително ниската температура од минус 10 степени Целзиусови. Според најавите дека ќе продолжи студеното време, не очекуваме во следните денови да се формира голема снежна покривка, а ние како служба сме достапни за сите потреби на населението, изјави Митко Ангеловски, раководител на ПЕ на ДЗС, Крива Паланка.

Службите за зимско одржување на Јавното претпријатие „Комуналец“ од Крива Паланка тековно работат на одржување на градските улици и улиците од прв приоритет, но и на локалните патни правци во селата.

-Од првиот снег што падна пред два дена, досега редовно се одржуваат сите градски улици, главната улица „Св.Јоаким Осоговски“, пристапите до итните служби, населбите Илиден, Трештен дол, Дурачка Река, каде има поголеми свиоци и угорници, а работиме и на локалните патни правци, така што сите се проодни, рече Драги Пешовски, раководител на службата за зимско одржување во ЈП „Комуналец“.

ЈП„Комуналец“ Крива Паланка ја реализира Годишната програма за зимско одржување во општината, а според информациите од претпријатието, располагаат со доволни количини сол и ризла. На почеток на сезоната биле набавени 40 тони сол и над 60 метри кубни ризла за реализација на годинашната програма.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2019 17:45