Русија работи на развој на крстосувачка ракета за потребите на својата Воена морнарица, што би имала дострел од над 4.500 километри и би можела да носи конвенционална или нуклеарна боева глава тешка до еден тон, соопшти извор од рускиот воено-индустриски комплекс.

– За потребите на руската Воена морнарица се развива најнова крстосувачка ракета со голема прецизност, што би се истрелувала од (бродскиот лансирен систем) „Калибр-М“, со максимален дострел поголем од 4.500 километри. Изработката на ракетата е во фаза на научно истражување, финансирано од Министерството за одбрана, изјави истиот извор, кој побарал анонимност.

Според него, развојот на оваа ракета е вклучен во државната програма за вооружување до 2027 година и таа ќе стане оперативна пред крајот на оваа програма.

Новата ракета ќе биде со поголеми димензии и ќе има поголем дострел од проектилите што се лансираат од системот „Калибр-М“ и со неа ќе бидат вооружени бродови со големина на фрегата и нуклеарни подморници.

Максималниот дострел на ракетите што сега се лансираат од системот „Калибр-М“ и летаат со брзина помала од брзината на звукот, е околи 2.000 километри.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2019 16:08