Американскиот претседател Доналд Трамп го прифати повикот на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси говорот за состојбата на нацијата да го одржи на 5 февруари.

Трамп во писмо до Пелоси наведе дека за него ќе биде „голема чест“ да го прифати повикот следната недела да одржи говор на заедничка седница на двата дома во Конгресот.

– Имаме да раскажеме голема приказна и, исто така, да постигнеме големи цели, наведе Трамп во писмото.

Ненси Пелоси вчера му испрати писмо на Трамп во кое го повикува да одржи говор на 5 февруари.

Трамп првично планираше говорот да го одржи денеска, но тоа беше одложено поради делумната финансиска блокада на американската федерална Влада.

Трамп и Конгресот во петокот постигнаа договор за начинот на кој ќе се одблокира финансирањето на Владата, што беше и условот кој Ненси Пелоси го постави за да може претседателот да го одржи говорот за состојбата на нацијата во Конгресот.

Потребно е уште Претставничкиот дом и Сенатот да усвојат резолуција со која го повикуваат претседателот да одржи говор на заедничка седници на двата дома на американскиот Конгрес.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2019 09:33