Товарен воз удрил во одрони од карпа на пругата и излетал од шините, попладнево во 17.10 часот, по Железничката станица „Рајко Жинзифов“ на пругата Велес-Скопје, информираат од СВР Велес.

Како што појасни портпаролот на СВР Велес Верољуб Додевски, локомотивата на товарниот воз излетала од шините и при тоа биле оштетени два столба и електрична сигнализација, а во несреќата машиновозачот, за среќа останал неповреден.

Железничкиот сообраќај е во прекин, бидејќи вработени од Македонски Железници ги отсрануваат одроните карпи од пругата, информира Додевски.

Тој појаснува дека увид на местото на несреќата прави екипа на СВР Велес и ЈП Македонски Железници.

Од Македонски Железници најавуваат дека сите патници кои од Скопје вечерва планирале да патуваат до Велес, Кочани, Битола и Гевгелија ќе бидат превезувани со автобуси што тие им ги обезбедиле како замена за возот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2019 18:46