Во рок од 10 дена ќе биде објавен јавен повик за ангажирање на двајца постојани експерти во собраниската Комисија за надзор на спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите согласно Законот за следење комуникации што беше донесен во април минатата година, информира денеска на прес-конференција во Собранието претседателот на оваа собраниска Комисија, Емил Димитриев пред почетокот на нејзината седница на која ќе се расправа за Годишниот извештај за работата на ОТА за минатата година.

Претседателите на три комисии кои се задолжени за сферата на безбедноста, тоа се Комисијата за контрола на работата на УБК, Комисијата за одбрана и Комисијата за надзор на спроведувањето на посебни истражни мерки следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, Трајко Вељаноски, Хари Локвенец и Димитриев денеска имале состанок со генералниот секретар на Собранието на кој го донеле овој заклучок.

По објавувањето на повикот за ангажирање на двајцата постојани ИТ-експерти следува процес на селекција на кандидатите кој ќе биде спроведен во координација со владини институции што работат во сферата на безбедноста, а потоа ќе следува уште еден повик за составување поширока листа на експерти кои ќе се користат ат хок при контрола на следењето на комуникациите.

– Досега немаше пречки да бидат ангажирани овие експерти. Јас уште во ноември испратив писмо до претседателот на Собранието. Чекаме на одобрување на буџет за ангажирањето на овие експерти, бидејќи комисиите самите немаат никакви ресурси за да го спроведат ова. По состанокот конечно расчистивме дека треба да почнеме со имплементација на Законот за следење на комуникациите кој заеднички со двотретинско мнозинство го донесовме во Собранието, рече Димитриев.

Претходно денеска за барањето на собраниската Комисија за надзор на спроведување на ПИ мерките за обезбедување средства за ангажирње на ИТ–експертите, собранискиот спикер Талат Џафери истакна дека е испратено на погрешна адреса. Џафери рече дека со Законот не се предвидуваат средства за ова намена и оти нема никакви законски основи да се изврши пренамена на средства од други ставки, бидејќи тоа би било злоупотреба на функцијата.

На прашањето дали ќе се надмине ова несогласување меѓу Џафери и Комисијата за тоа како треба да бидат исплаќани овие експерти, Димитриев рече дека не се работи за несогласување, туку за неимплементација на Законот. Истакна дека станува збор за не толку голема сума на пари која што била утврдена и минатата недела при посета на експерти на ЕК – од 20 до 30 илјади евра.

– Граѓанскиот совет се уште не е формиран, ангажманот на експертите сега почнуваме да го спроведуваме. Комисијата е работно тело на Собранието и тоа треба да обезбеди средства, појасни Димитриев и додаде дека во Законот за следење на комуникациите е наведено дека во рок од 50 дена од формирањето на Комисијата која функционира и пред донесувањето на овој Закон треба да бидат ангажирани експертите.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2019 15:19