Македонските компании од градежништвото имаат можност да се запознаат со трендот за дигитално водење на проекти од фаза на идеа, проектирање, градба, управување и одржување преку алатката BIM (Building Information Modeling) што се смета за најмоќна алатка за добивање на потребната енергетска ефикасност на зградите и ги намалува трошоците за проектирање и градба.

Тоа го овозможува Проектот „BIMcert“, што се спроведува во Македонија, Велика Британија, Република Ирска, Португалија и Хрватска со грант во вредност од 1,25 милиони евра преку програмата на Европската комисија за технолошки развој и иновации „Хоризонт 2020“.

BIM претставува современа дигитална технологија за креирање и користење на информациски модел на зградата што подразбира дигитален план за се она што е вградено во зградата како јакосните, техничките, термодинамичките, еколошките, енергетските и другите перформанси. За разлика од класичните методи што сега се користат, BIM нуди и информација за производот што може да се процесира, а со тоа се скратува времето на обработка, ја исклучува можноста од грешки и го намалува времето на градење, а со тоа заштедува трошоци и овозможува оптимална енергетска перформанса на зградите.

Во петте земји во кои ќе се спроведува проектот за подигнување на квалитетот и усовршување на капацитетите во градежништвото, како што истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, се очекува вклучување на 250 мали и средни претријатија, со вклучување во процес на обука на над 2.000 професионалци од градежниот сектор, од кои се очекува создавање на над 1.000 стручни лица кои би можеле да го имплементираат BIM системот во градежниот сектор.

-Овој проект има неколку цели. Една цел е дигитализација на градежништвото, како основа на четвртата индустриска револуција, односно имплементација на дигитални технологии уште од фаза на проектирање на објектите, следењето на процесот на градба, животниот век на објектите, финансиско следење и енергетската ефикасност на објектите се до фазата на демолирање на објектите. Втората цел е подигнување на нивото на енергетска ефикасност во градежните објекти. Заштедата на електрична енергија е речиси исто толку важна колку и самото производство на енергијата. Нашата земја силно се приклучува кон трендот на зголемување на енергетската ефикасност и во таа насока во подготовка е Законот за енергетска ефикасност. Трета цел е заштитата на животната средина и користење на материјали со кои ќе се зачува околината и ќе се овозможи подобра еколошка средина за граѓаните, подвлече Анѓушев на отворената сесија на состанoкот на конзорциумот на Проектот „BIMcert“ што се одржа во Стопанската комора на Македонија.

Тој изрази надеж дека македонските компании, научни установи и професионалци од градежниот сектор ја препознаваат можноста која ја нуди проектот и ги повика да ги искористат сите бенефити што ги нуди.

– Треба да разбереме дека никој со сила не може ништо да ни даде, туку да ги искористиме дадените можности. Бидете проактивни, соработувајте со ИЕГЕ, а со тоа и со меѓународните партнери за да го исползуваме бенефитот за општеството преку имплементација на проектот, им порача вицепремиерот на присутните.

Партнери во имплементација на проектот „BIMcert“ се седум научни институти, помеѓу кои е и Научниот институт за истражувања во градежништвото, животната средина и енергетиката (ИЕГЕ-Скопје), а проектот го предводи Belfast Metropolitan College, Велика Британија. Проектот освен во Македонија, ќе се имплементира во Велика Британија, Република Ирска, Португалија и Хрватска.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2019 14:54