Предлог-законот за тутун влегува во собраниска процедура. Со ова сосема ново законско решение што беше усвоено на вчерашната владина седница, целосно се укинуваат евидентните листови или т.н „бели картони“. Тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија. Се поедноставуваат административните постапки за производтелите, но се уредува и целокупниот процес на производство, договарање, откуп, обработка и промет.

Како што соопшти МЗШВ, новиот закон ќе овозможи транспарентност во врска со содржината на договорите. Тие ќе треба јавно да се објават најдоцна до 28 февруари тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на неговата веб страница. Воедно, ќе се создаде можност за дополнително отворање откупни пунктови.

Со новото решение, откупувачите ќе имаат обврска да го внесат договорот во електронскиот систем за евиденција на тутун и внесените податоци да ги достават до подрачните единици.

Законот ги опфаќа и регистарот на откупувачи на тутун, начинот на спроведување на испитот за добивање лиценца за процена на необработен тутун, регистарот на производители, извозници и увозници, регистарот на марки на производи од тутун и сродни производи, електронските цигари и растителните (билни) производи за пушење, адитивите во производите од тутун, изгледот и пакувањето, финансирањето и контролата.

-Станува збор за комплетно нов закон со кој ќе се подигнат стандардите на квалитет на тутунот, но и на тутунопроизводителите како клучен фактор во целиот процес на тутунопреработката. Новото законско решение предвидува укинување на евидентните листови или т.н „бели картони“, процес што ќе почне да се применува од 2020 година. Со оваа законска одредба МЗШВ значајно ќе ги намали административните процедури за тутунарите на начин што тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија, велат од МЗШВ.

Со Предлог законот се проширува опфатот на уредувањето. Опфатени се и несогорливите производи од тутун, електронските цигари и растителните (билни) производи за пушење – материја која не е уредена со ниту еден постоечки закон, а целта воедно е и целосно усогласување со директива 2014/40/ЕС.

-Производителите и увозниците кои ставаат во промет електронски цигари и/или контејнери за еднократно или повеќекратно полнење, поднесуваат барање за пуштање во промет до Министерството за здравство, за што добиваат одобрение. Производителите и увозниците на несогорливи производи од тутун се должни да достават известување до Министерството за земјоделство за сите несогорливи производи од тутун што имаат намера да ги стават во промет, објаснуваат ид МЗШВ.

Информираат и дека одредбите од законот кои се однесуваат на поимите дефинирани за несогорлив тутун и електронска цигара ќе бидат употребени за определување надоместок согласно Законот за акцизите од 1 јули 2019 година.

Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2019 14:56