Извршени се две хируршки интервенции кај 20-годишната девојка која се здоби со тешки повреди на ногата во автобуската сообраќанка несреќа, но и покрај тоа нејзината состојба е критична, изјави вчера Илир Хасани, директорот на Ургентниот центар и КАРИЛ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

-Девојката е во тешка општа состобја, во која беше и пред оперативниот зафат. Составивме тим од трауматолог, абодминален хирург, анестезиолог, пластичен хирург, васкуларен хирург и се одлучи да се преземат две оперативни интервенции за да се спаси нејзинот животот, односно се животоспасувачки интервенции. Оперативната интервенција течеше и се заврши во најдобар ред така како што е планирано. Состојбата на пациентката останува иста, критична со највисоки ризици за нејзиното преживување. Меѓутоа, се прават надчовечки напори за да се спаси нејзиниот живот, изјави Хасани за Канал 5 телевизија.

Тој рече дека на интензивното одделение се вкупно четворица пациенти. Едниот пациент е стабилен и секој момент може да биде префрлен на одделението на Клиниката за трауматологија, додека другите двајца пациенти коишто се со предоминантна торакална повреда, исто така, се, вели, во многу тешка, критична состојба.

-И за нив секој час се консултираме конзилијарно со колегите од торакална хирургија, анестезиологија и трауматологија и секој момент се следи нивната состојба. Меѓутоа, сепак до овој момент таа останува многу критична и животозагрозувачка, вели Хасани.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2019 12:02