Начинот на кој денес говорат луѓето, делумно зависи од тоа колку одамна човековите предци престанале да јадат сирово жилаво месо, се вели во напис во списанието „Сајенс“.
Лингвистиката најчесто се задржува на културните фактори, но според истражувањето, „јазикот е и биолошки феномен”. Јазиците еволуираат со развојот и промената на општеството, но звуците кои ги изговараат луѓето се обликувани од положбата на долната вилица, односно, меѓу другото, и од начинот на џвакање на храната.
– Не може биологијата целосно да се издвои од културата, смета лингвистот Балтазар Бикел, раководите на тимот што го изработи овој научен труд.
Научниците анализирале черепи на луѓе од каменото доба и од денешнината и создале симулации на влијанието на различната положба на долната вилица на способноста устата да произведува различни звуци. При анализата се земени предвид околу 2.000 јазици, за да се утврди кои звуци се користат помалку или повеќе и каде.
Заклучокот наведува дека групите што подолго опстоиле како заедници на ловци-номади, многу помалку користат согласки од оние народи кои порано преминале на земјоделство.
Пред луѓето да почнат да одгледуваат земјоделски култури и да ја печат и варат храната, тие џвакале живо месо, што е доста напорно за вилиците и забите. Черепите на луѓето од каменото доба не изгледаат како денешните, бидејќи забите во горната и долната вилица целосно се преклопуваат. Кај луѓето денес, по правило горните заби се поставени пред долните кога устата е затворена.
Помеката храна не само што поинаку ја мести долната вилица, туку и ги менува звуците кои полесно се изговараат. На пример, гласовите „ф” и „в”.
Научниците испитале 52 јазика од индоевропската група што го опфаќа подрачјето од Исланд до Индија и заклучиле дека „ф” и „в” со тек на времето се појавувале во сѐ повеќе јазици.
Претпоставката дека земјоделските култури го обликувале јазикот, прв ја посочи американскиот лингвист Чарлс Хокет пред неколку децении, но никогаш не се обиде да ја докаже.