Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти се однесуваше како вистински џентлмен спрема својот колега Унаи Емери, против чиј Арсенал ќе се соочи утре во првиот четвртфинален дуел од Лига Европа.

Искусниот Италијанец, кој наскоро ќе наполни 60 години, рече дека Емери има многу повеќе искуство во овој турнир отколку што има тој. 47-годишниот ментор на „топчиите“ има 3 трофеи од вториот најпрестижен европски турнир – 2014, 2015, 2016. Пред доста години Анчелоти си дозволи да се пошегува со оваа серија на својот колега, затоа сега го искористи случајот за да го посведочи своето почитување.

– Приказната сега е сосема поинаква – различен менаџер, друг тим, нови играчи, па така има нова ера. Арсенал се уште се конкурентни во Премиер лигата и Лигата на Европа, па мора да го почитуваме овој клуб, да се чувствуваме поласкани дека излегуваме против него во четвртфинале. Емери има многу повеќе искуство од мене во Лигата на Европа. Тој е фантастичен ментор. Фактот дека тој ќе биде на клупата на Арсенал утре, го прави мечот уште потежок, изјави Анчелоти на денешниот прес.

Според него, Наполи треба да игра подобро во одбрана, откако тоа не беше случај во последните неколку мечеви.

– Ова не значи дека треба да играме дефанзивно. Утре ништо нема да се реши, но можеме да го направиме реваншот многу полесен или потежок. Тој ќе се игра во Неапол, па утре треба да ја подготвиме сцената, додаде стратегот.

Арсенал го пречекува Наполи на „Емирати“ утре, 11 април, во 21 часот по македонско време.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2019 09:11