Со освоени над 55.000 гласови повеќе од противкандидатот, претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски синоќа прогласи победа по објавувањето на резултатите од вториот круг на претседателските избори. Вообичаено, честитките од спротивниот табор изостанаа. Пендаровски синоќа кажа дека не добил честитки од противкандидатите. Првите честитки за изборот за претседател на неговото конто дојдоа од претседателот на Република Албанија, Илир Мета и од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Денес, рече Пендаровски, победија граѓаните и свечено сакам да објавам дека ќе служам посветено на сите, ќе бидам претседател на државата од кој нема да се срамите.

-На овие избори одлучивте да продолжиме заедно напред. Денеска беше нашата достоинствена Македонија, нашиот мудар народ, ова е победа на мнозинството граѓани на Република Северна Македонија кои независно од етничка или политичка припадност се обединија. Продолжуваме напред и никогаш повеќе режим. Денес победија граѓаните и свечено сакам да објавам дека ќе служам посветено на сите, истакна Пендаровски.

Изборниот резултат, нагласи, е поголем успех затоа што овие избори се победа на обединувањето и заедништвото. Вети дека ќе се придружи на водството во државата за евроатланска Република Северна Македонија и дека ќе се залага за правна држава, ќе обединува и ќе биде фактор на стабилност, а не фактор на кризи. Се заблагодари на премиерот Зоран Заев и целата Влада како и на 31 политичка партија кои, како што рече, заедно застанаа зад концептот. Посебна благодарност Пендаровски упати кон Гордана Сиљановска и Блерим Река за учеството и придонесот на демократските избори.

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во своето обраќање нагласи дека имавме успешни, демократски и кристално чисти избори и дека добивме европски претседател на државата.

-Стево Пендаровски е претседател на сите нас. Со кристално чистите избори во двата изборни круга покажавме дека Република Северна Македонија има врвни демократски капацитети и оти е подготвена за Европа. Ова е победа на граѓаните и на Републиката. Од денеска никој не може да застане на патот на прогресот и перспективите. Исходот од денешните избори покажува дека заедно одиме напред во НАТО и ЕУ. Продолжуваме заедно и одговорно напред, рече Заев во своето обраќање во седиштето на партијата каде присуствуваа и претставници од раководството на ДУИ.

Заедно, посочи, покажавме дека имаме европска земја и горд народ кој е со европски определби.

– Како централна и локална власт во соработка со новиот претседател остануваме посветени на нашите приоритети, полноправна членка на НАТО и почнување на преговорите со ЕУ, продолжуваме да ги насочуваме парите кај граѓаните, ги отстрануваме слабостите во владеењето кои предизвикаа реакција кај јавноста, ставаме конечен крај на поделбите и заедно градиме обединување внатре и сојузништво надвор, вети Заев.

Оцени и дека поуката од изборите за опозициската ВМРО-ДПМНЕ е дека крајно време е конечно да се модернизира и реформира, да ги напушти, како што рече, застарените методи на делување и да сфати дека Северна Македонија ја сочинуваат сите нејзини граѓани. Воедно,тој понуди рака на помирување, оти вели, без тоа ќе има проблеми.

На новинарско прашање од каде ќе почне „метлата“, по поуката добиена од граѓаните, Заев најави корекција на сите слабости и сериозни промени во извршната власт, а ќе започнат, кажа, во редовите на СДСМ.

-Тоа ќе се случи. Прво мора во СДСМ, ќе влеземе во нашите редови. Некои од нашите луѓе ни се изморија. Тие беа носители на победата, но истовремено предизвикаа доста гласачи да останат дома. Понатаму ќе продолжиме со ЈП-ја, акционерските друштва на државно ниво и Владата и министрите. Ќе одиме ред по ред и верувам дека ќе донесеме мудри и храбри одлуки, рече Заев.

За Пендаровски, резултатот од изборите е јасна потврда на мнозинството граѓани и нивната волја да го поддржат Преспанскиот договор и евроатлантскиот пат на земјата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, синоќа во обраќањето по соопштувањето на резултатите кажа дека Гордана Силјановска Давкова на 5 мај изгубила заедно со народот поради тежок фалсификат или изборен инженеринг.

-Денеска имаше нерегуларности, уцени, закани, притисоци, веројатно и брзи прсти и индиции за поткуп. Ова не се европските вредности, ниту македонски зашто граѓаните не се такви. Ова не го кажувам за да барам алиби, туку зашто е вистината за реалноста во Македонија. Не давам ветувања кои не можам да ги исполнам и кажувам – оваа власт е свесна дека е веќе минато и ќе падне, рече Мицкоски според кого изходот е резултат на пазарење, а власта е делегитимирана.

Кандидатот за претседател поддржана од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Силјановска Давкова на прес-конференцијата во седиштето на опозициската партија по објавувањето на првичните резултати од изборите го призна поразот, но не му честита отворено на победата на нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски.

Таа нагласи оти е доволно што го признала поразот и оти после се што се случувало на дебатите во текот на кампањата не треба од неа да се очекува со восхит да му се обрати. Нагласува дека не станува збор за недостиг на политичка култура и оти во Македонија се уште владее поданичка култура.

-Бројките говорат за пораз. Обично поразените не се чувствуваат добро, но јас не сум се чувствувала посмирено, побогато и попродуховено, рече Силјановска и од срце им се заблагодари на сите нејзини поддржувачи, а особено на граѓаните нагласувајќи оти добила невидено разбирање и голема енергија од граѓаните.

Според податоците на ДИК од обработени над 98 отсто од гласовите, или 3.436 избирачки места, Пендаровски освоил 423.292 гласа или 51,83 отсто, а неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова 363.980 гласови или 44,57 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2019 10:39