Задоволство од добро спроведениот втор круг од претседателските избори и од мирната и демократска атмосфера што овозможи слободно изразување на волјата на гласачите, искажале шефовите на набљудувачките мисии на денешната средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбата меѓу Димитров и шефовите на набљудувачките мисии на парламентарните собранија на ОБСЕ, Серен Моборњ, на Советот на Европа,Мари-Кристин Далоз, како и со шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Корнелија Јонкер била истакната ефикасноста, професионалноста и непристрасноста на изборната администрација, како и транспарентноста на целокупниот изборен процес.

-Потенцирана беше и улогата на медиумите кои овозможија мноштво на информации за кандидатите и балансирано покривање на кампањата. Иако законската рамка за одржување на изборите е оценета како погодна за одржување на демократски избори, сепак беше укажано на потребата од сеопфатна реформа на изборното законодавство која ќе ги отстрани воочените правни недостатоци и празнини, се наведува во соопштението од МНР.

Министерот Димитров истакнал дека одржаните претседателски избори го покажаа демократскиот капацитет и зрелост на институциите, но пред се и над се на граѓаните, како неопходен предуслов за европската интеграција на земјата.

Заблагодарувајќи се за поддршката на ОБСЕ/ОДИХР и на Советот на Европа, министерот Димитров ја реафирмирал подготвеноста на Владата за продолжување на реформите на изборното законодавство, како неопходност и во контекст на европската интеграција на земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2019 19:07