Стабилна на дното и уште долго време горда на оваа позиција. Вака со „два збора“ познавачите опишуваат како котира земјава во однос на занаетчиското (крафт) пиво ако се спореди со опкружувањето или „не дај боже“ со европскиот и светскиот тренд.

Производителите заглавени во лавиринтите на институциите, не губат надеж.

Дали конечно државата ќе го препознае крафт пивото како потенцијал за заживување на одамна изумрените индустрии или ќе дозволи и натаму да се развива стихијно, „на грбот“ на ентузијастите, како субкултура само во потесните кругови на вистинските љубители?

Поразговаравме со Марјан Костадиновски во пресрет на вториот „Крафтинг пивски салон“ што ќе се одржи на 18 мај во Скопје. Костадиновски е еден од пионерите и промоторите на крафт пивото во земјава, како и организатор на настанот.

-Слободно можам да кажам дека сме стабилни на дното и уште долго време гордо ќе ја држиме оваа позиција. Заглавени сме во лавиринтите на институциите. Не можеме да најдеме заеднички јазик за доброто на сите. Во меѓувреме, занаетчиската пивска култура движи напред, станува се побогата, поинтересна и попопуларна. Свеста на надлежните мора да се смени. Тие треба да застанат на страната на малите производители, со регулатива да го „одвојат“ домашното производство на пиво од индустриското и да ги разграничат правилата за едното и за другото, зашто не може исти норми да важат еднакво за сите, вели Костадиновски.

Колку за споредба, го посочува примерот со Словенија, каде бил неодамна.

-Скоро бев во едно мало место во Словенија. Се вика Камник – градче од 30.000 жители. Има, верувале или не, четири официјално регистрирани микропивари. Во јуни организираат дводневна пивска манифестација на која ќе учествуваат и останатите занаетчиски пивари од регионот во знак на локалната поддршка и развој. Во Бугарија редовно се организираат натпревари на годишно ниво за најдобро домашно пиво во различни категории кои ги определува тамошната Асоцијација на домашни пивари. И оваа година конкурсот откако беше отворен за два дена се пријавија дури 340 пива. Тековно, вакви настани се одржуваат и во Букурешт, Братислава, Прага, Нови Сад, Загреб,…, на високо професионално ниво. Пивата ги оценуваат професионални судии кои имаат некое претходно искуство, а ако немаат мора да поминат двомесечни курсеви на кои се зборува за најпопуларните пивски стилови, дегустираат и наоѓаат нивните маани и дефекти, објаснува Костадиновски.

Тој има стратегиска партнерска соработка со националната организација „Слоу фуд“ која го препознала потенцијалот на занаетчиското пиво. Заедно ја конципирале кампањата „slowbeer.mk“ која би требало да биде идниот центар од каде ќе се движат и делуваат сите активности – од едукација до разни работилници. Но, засега се се само планови и желби кои веројатно ќе потраат.

Во однос на регулативата, крева раменици.

-Имам информација дека во подготовка е новиот закон за пиво, но што ќе содржи и дали ќе го опфати домашното пиварство од хоби навистина не знам. Најавувано беше и донесувањето на новиот закон за акцизи со кој треба да се поедностават условите за правење домашно пиво. Мислам дека тоа треба да се случи годинава. Во овој контекст, не би се согласил дека сме мал пазар и дека имаме мала куповна моќ.

Вториот „Крафтинг пивски салон“ ќе се одржи во сабота, од 12 до 20 часот, на платото пред Куршумли ан. Најавено е учество на десетина производители на домашно пиво, четири локални пивари, шест увозници и три фирми за суровини и опрема за производство на домашно пиво ќе бидат дел од Пивскиот салон.

-Застапени ќе бидат најопуларните и најомилените пивски стилови како PALE ALE, IPA, PORTER, STOUT. Ќе има пиво со бозел кое е наречено „Бозејл“, пиво со ѓумбир, пиво со мед и пиво со гоџибери што мислам дека ќе привлече најмногу внимание. Сите учеснити посебен ентузијазам посветија и на дизајнот на своите етикети. Се работи за вистински визуелни креативни решенија кои се мотивирани од нашето поднебје, најавува Костадиновски.

На „Крафтинг пивскиот салон“ од увозните брендови ќе има само две чешки пива, „Приматор стаут“ – црно и безглутенското „Целиа“ – светло и темно.

Првиот пивски салон на домашните производители на занаетчиско пиво „Крафтинг Македонија“ се одржа на 3 декември 2018 година. Пред бројните посетители беше упатена пораката: „Да правиме пиво наместо војни, и да градиме мостови наместо ѕидови“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2019 16:35