Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес синоќа изврши увид на регионалниот пат Велес – Штип, кај Ново Село, на местото каде се случи тешка сообраќајна несреќа во која едно лице го загуби животот, а 14 беа повредени.

Како што информираат од Јавното обвинителство, според првичните сознанија, до несреќата дошло кога комбе управувано од 30-годишно лице од Скопје, со кое се превезувале материјали за градежништво, движејќи се во правец од Штип кон Велес, од засега непознати причини преминало на спротивната коловозна лента. Во тој момент, во спротивната насока се движел автобус на туристичка агенција кој превезувал патници за Сончев Брег, Бугарија.

-Автобусот се обидел да избегне директен судар, движејќи се кон крајот на коловозната лента. Сепак комбето удрило во предниот дел од автобусот и се извртело целосно на спротивната коловозна лента и во спротивна насока од првобитното движење. Од незгодата на самото место починал возачот на комбето, додека 14 патници од автобусот се здобиле со повреди, вклучувајќи го и возачот на автобусот, соопшти Обвинителството.

По насоки на јавниот обвинител, подигнати се траги од местото на несреќата и издадена е наредба да се изврши обдукција на телото на починатиот. Истовремено, издадена е наредба да се изврши анализа за присуство на алкохол во крв и урина кај повредениот возач на автобусот. По наредба на јавниот обвинител ќе се изврши сообраќајно вештачење, како и машинско вештачење на исправноста на возилата.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2019 12:22