Кавадаречкиот суд си ги враќа проширените надлежности кои му беа одземени. Жителите од Тиквешијата со радост ја дочекаа оваа вест, затоа што, како што велат, тоа за нив ќе значи побрза и поевтина правда. МИА разговараше со Зоран Јосифов, в.д. претседател на Основен суд Кавадарци.

Пред околу 13 години беа одземени проширените надлежности на Основен суд во Кавадарци. Зошто беа одземени?

– Од 2005 година беше донесена Стратегија за реформи на правосудниот систем. Во тие рамки и реформи на судскиот систем. По донесувањето на Законот за судови во 1995 година, во 2005 или 2006 беше донесен новиот Закон за судови. Имаше една интенција за формирање на виши судови, кои би ги вршеле работите на проширената надлежност за територијата на повеќе судови. Таа идеја беше промовирана некое време. Меѓутоа, кога дојде до реализација на идејата, таа да се преточи преку законските решенија, одредени градови преку своите пратеници како претставници во законодавниот дом, успеаја да излобираат законското решение во поглед на намалувањето на надлежностите на тие судови, да не се реализира. Тука би ги посочил Прилеп, Кочани, Струга, кои во таа реорганизација, требаше да станат судови со основна надлежност, а работите со проширената надлежност за нив да ги вршат судовите во Битола, Штип, Охрид и така натаму. Во целиот тој, да речам реформски процес, кој по мене не беше заснован на ниту една издржана анализа за тоа како функционираа основните судови со проширена надлежност во десетгодишното применување на Законот за судови од 1995 година, кој практично почна да се применува од јули 1996 година, дојде до тоа колатерална штета на тој реформски процес да станат судовите во Кавадарци, Гевгелија и Кичево. Практично, од сите судови кои требаше да изгубат дел од надлежностите, единствено судовите во Кавадарци, Гевгелија и Кичево ја загубија проширената надлежност и Основниот суд во Велес, на некој начин се претвори во еден виш суд, кој за подрачјето на судовите во Кавадарци, Гевгелија и Неготино, ги извршуваше задачите од проширената надлежност.

Што всушност значеше тоа за Кавадаречкиот суд, но и за населението од регионот?

– Ние како суд се најдовме во една незавидна ситуација, бидејќи кадровската димензионираност на Судот беше за проширена надлежност. Значи имавме многу поширока материја. А исто така, почна еден процес на одземање на низа предмети од надлежност на судовите и нивно пренесување кај нотари, извршители и други вршители на други органи, но и самостојни вршители на дејност, на кои се пренесени јавни овластувања. На тој начин, практично ние во 2007 година, откога почна применувањето на тој закон во делот на надлежноста на судовите, останавме суд со основна надлежност со голем број на судии и поминавме низ еден исклучително тежок период, кога по пат на природен одлив се намалуваше кадровската екипираност на Судот, до некои оптимални потреби кои ги имавме, со оглед на надлежноста. Но, прашањето за тоа како Судот се справуваше со тој реформски зафат, не е толку значајно, колку што е значајно какво влијание имаше таквото законско решение на граѓаните и правните субјекти од територијата на Кавадарци и Неготино и општините кои гравитираат кон нив, Росоман и Демир Капија. Сметам дека за граѓаните и правните лица од овие општини, давањето на правото значително се оддалечи. Се отежна пристапот кон судовите и се зголемија трошоците. Очигледно е дека за низа предмети, кои претходно беа во надлежност на овој суд и немаше некоја оправдана причина да бидат одземени од негова надлежност. Требаше да се оди 30 или 50 километри за да се оствари едно право. Во низа области се пренесоа надлежностите во велешкиот суд. Такви се трговските спорови. Јас немам податоци за некоја опсежна анализа, меѓутоа со оглед на стопанската развиеност на сите овие општини, како и по она што колегите адвокати го кажуваат, кај еден голем дел од предметите со трговски спорови кои беа во Велес, доаѓавме во една апсурдна состојба. Сите странки да бидат од Кавадарци, а само судијата да биде од Велес. Значи, јасно е колкави проблеми и колкави дополнителни трошоци се создаваа за трговските субјекти од овие општини. А и гевгелиските предмети тогаш преминаа во велешкиот суд. Тоа значеше околу 120 километри оддалеченост на правото од гевгеличани. Со тоа, веројатно правдата беше и побавна и поскапа. Сепак, за да се даде една таква оценка, потребно е да се направат и одредени анализи за тоа како Основниот суд во Велес го совладувал тој прилив на предмети. Колкаво е времетраењето на постапките во одредени предмети. Меѓутоа, логично е ако имате поголем прилив на предмети, поотежнато да ја вршите доставата, бидејќи не ви се на вашето подрачје, тука е и патувањето, веројатно е побавно отколку што би било во матичните судови.

Проширена надлежност и на подрачјето на Неготино и Демир Капија?

– Измените и дополнувањата на Законот за судови се објавени во Службен весник број 70 од 17 мај 2019 година. Практично, со членот 7, се прави интервенција во членот 31 став 3 од се уште важечкиот Закон за судови од 2005 или 2006 година. Практично, во делот каде што се утврдува надлежноста на судовите со проширена надлежност, повторно како што беше и со претходниот закон од 1995 година, се вметнува Основниот суд од Кавадарци, за кого се наведува дека ги врши работите од проширена надлежност не само на својата територија, туку и на подрачјето на Основниот суд во Неготино. Значи се враќа една состојба која беше и претходно. Истото се однесува и на Основниот суд во Гевгелија, кој ја добива онаа проширена надлежност на своето подрачје. Се мисли на општините Валандово, каде има истурено одделение, но и општините Нов Дојран, Богданци, за кои исто така ја врши проширената надлежност. Но, тоа се општини кои немаат свои судови. Неготино има основен суд, па ние ја вршиме проширената надлежност и на подрачјето на тој суд. Конечно и Основниот суд во Кичево, повторно стана суд со проширена надлежност. Кавадаречкиот суд за основната надлежност важи за Кавадарци и Росоман, а неготинскиот има општа надлежност за подрачјето на Неготино и Демир Капија. Работите од проширената надлежност, нашиот суд, од 1 јануари 2020 година ќе ги извршува и на подрачјето на општините Неготино и Демир Капија.

Дали Судот во Кавадарци е подготвен да се соочи со враќањето на надлежноста. Каква е кадровската екипираност, фалат ли одредени кадри, ќе има ли нови вработувања?

– Дали е кадровски екипиран, чесно е да се каже дека не е докрај екипиран. Веројатно ни фалат и судии, ни фали и судска служба. И тоа како во делот на оној административно-технички персонал, така и во делот на стручните судски службеници. Ние и во овој формат во кој работевме досега, можевме да дадеме забелешки дека не сме доволно кадровски екипирани. Притоа не зборувам само за бројот на вработените во судската служба, туку и за нивната структура. Ако се има во предвид дека судовите своето работење го вршат електронски, значи преку информатичка технологија, очигледно е дека застапеноста на стручниот кадар, на стручните судски службеници, треба да доминира во однос на останатите. Таква состојба немаме никаде во судовите во државата. Јас не би можел да бидам незадоволен од структурата на судските службеници што ја имаме во судот. Тие си ја извршуваат работата, меѓутоа, сигурно дека многу поефикасно и постручно би се работело доколку се подобри онаа структура на судски службеници, во смисла да имаме што повеќе стручни судски службеници. Судијата не може да работи сам. Тој мора околу себе да има тим кој ќе му помага во работењето. Мислам дека е една интенција и тоа веројатно во овие европски интеграции кои ни претстојат сега, ќе се имплементира, бројот на судии да се намалува, а да се екипира тимот околу секој судија, за да може поефикасно да работи. Значи тоа е некоја интенција. Иако доста се зборуваше, во овој момент реформскиот зафат не одеше кон тоа да се укинуваат одредени судови, кои се утврдуваат како нерентабилни, немаат предмети, немаат судии, немаат пополнување со кадар и така натаму, некоја нивна економска оправданост. Но, веројатно и во делот на бројот на судовите во државата и во бројот на судиите, ќе доаѓа до промени и овој реформски процес ќе продолжува. Тоа се тешки зафати и непопуларни, така што веројатно во еден момент ќе мора некој да го направи тоа. Но, сега засега останува така. Во овој момент, Основниот суд Кавадарци работи со седум судии, со нив ја извршува работата од својата надлежност. Измените на законот за судови кои беа донесени, предвидуваат можност за продолжување на работниот век на судиите. Согласно на општите прописи кои ги уредуваат работните односи, се дозволува по навршени 64 години, секоја година со барање, вработениот да го продолжи својот работен однос, најмногу до 67 години. Тоа ни дава можност да го премостиме овој период, бидејќи ние имаме двајца судии кои исполнуваат услови за старосна пензија. Еден од судиите оваа година и веќе поднесе барање за продолжување, а другиот во наредната година. Доколку тие во овој момент заминат во пензија, тогаш би се нашле во една исклучително незгодна ситуација, бидејќи би имале само пет судии. А очекуваме еден кандидат кој ја посетуваше Академијата за судии и јавни обвинители, да стане судија. Очекуваме негов избор веројатно при крајот на годината. Со тоа ќе имаме осум судии. Мое мислење е, иако сега се уште немаме прецизна претстава за тоа каков ќе биде приливот на предмети, дека за оптимално работење на овој суд ќе требаат околу 11 до 12 судии, од кои еден би бил претседател. И со оваа нова надлежност. Тоа би овозможувало оптимално работење на Судот. Со сегашните согледувања на приливот и она што очекуваме да ни дојде. Бидејќи ние нема да добиеме предмети наеднаш од Основниот суд во Велес, со оглед на тоа што со преодните и завршните одредби е утврдено дека сите постапки кои се отпочнати пред тој Суд, а кои според новите решенија во Законот за судови би требало да бидат во надлежност на Основниот суд во Кавадарци, ќе завршат пред тој Суд. Што е некое логично решение, бидејќи во тој случај, би дошло до одолговлекување на тие постапки ако се пренесат овде. Тие веќе почнале, без оглед на тоа што ќе бидат со поголеми трошоци можеби. Меѓутоа, уште поголема штета ќе се направи, ако сега се враќаат, па повторно почнуваат пред овој Суд и така. Барем да дојдеме до десет судии, бидејќи процесот на избор на судии преку Академијата не дава еден широк круг на кандидати од кој може да се пополнуваат судиските места. Ќе треба да ни делегираат еден или двајца судии, за да можеме да го премостиме овој период, до моментот кога од Академијата ќе добиеме судии. Може судијата да е и од друг град, ако се пријави на оглас. Ако се пријави, ќе ни ја олесни работата. Ние по стара систематизација за оваа надлежност имаме десет судиски места, кои објективно се и нешто над она што е оптимална потреба. Можеме да побараме пополнување на две или три судиски места, меѓутоа мал е бројот на кандидати со Академија и кои исполнуваат услови за судии. Илузорно е да се очекува 18 судии како што сме биле, бидејќи голем дел од надлежностите како што реков, се префрлија на други органи и самостојни вршители на дејности, на кои се пренесени јавни овластувања, како нотари и извршители. Што се однесува до бројот на потребни судии, тука треба да имаме предвид дека сега се проширува материјата по која ќе постапува нашиот суд. И не секогаш вие можете да го мерите ангажманот на еден судија само низ бројот на предмети оптимален што би ги имал во работа. Треба да се има предвид дека е потребна специјализација на судиите, значи по одредена област, со цел да им се олесни работењето. Ние сега практично во граѓанска материја работиме се, судиите работат се. Значи немаат некоја потесна специјализација, како што е во некои поголеми судови. Од друга страна, одредени работи, особено во кривичната материја, претпоставуваат изземање, доколку еден судија постапувал во една фаза од постапките, тој не може да постапува во друга фаза од постапките. Значи вие морате да имате доволно судии кои ќе може да ги покријат сите потребни совети во кривичната постапка. Тука мора да има одреден број судии. Кога предметот на пример при оцена на обвинителниот акт дојде кај еден судија или Совет, зависно од тоа која е тежината на кривичното дело, потоа, тој судија или членовите на тој Совет, не можат да го судат предметот на главна расправа. Значи, има одреден минимум број на судии под кој не може да се оди, без оглед на тоа колкава е материјата по која постапуваат. Слично е и со стечајот, вие не можете стечајот да го комбинирате со друга материја. Тоа е сепак една посебна материја. Посебен вид на предмети кои бараат една потесна специјализација на судијата. Тука нема исфрлање на голем број на предмети, меѓутоа се бара постојан ангажман на судијата додека не дојде до завршување на предметот. Така што ние ќе се обидеме, веројатно и претседателот кој ќе дојде ќе ја има таа задача, да се направи еден таков распоред за работа на судиите, да во исто време се оствари и одредена специјализација, колку што е тоа можно, да се покријат сите материи, па конечно секој судија што работи овде, има приближно подеднаков број на предмети и обем на работа. Се со цел да има рамноправен третман во остварувањето на ориентационите норми. Бидејќи тоа е многу битен елемент. Судиите веројатно се единствените функционери кои подлежат на оценување, а тоа оценување е основ за напредување во кариерата. Така што, многу е лошо ако некој од колегите нема доволен број на предмети, квантитативно и квалитативно да се истакне и да може да остварува таква потребна ориентациона норма.

Колку предмети имал судот во минатото кога имал проширена надлежност, а колку во изминатите години кога работеше со основна надлежност?

– Во изминатите неколку години, кога работевме со основна надлежност, вкупно во работа за една календарска година, се движиме помеѓу 8,5 до десет илјади предмети. За илустрација, би ја посочил 2004 година, благодарејќи на извршните предмети, овој суд имал вкупно во работа околу 50 илјади предмети. Пет пати повеќе предмети од периодот со основна надлежност. Во 2011 година завршивме со заостанатите извршни предмети и ги предадовме кај извршителите. Имаме исклучително малку заостанати нерешени предмети на крајот на годината. Тоа се околу илјада предмети секоја година. Тоа објективно претставува некоја тромесечна норма.

Што всушност значи враќањето на надлежноста? Кои предмети ќе се вратат да се судат во Кавадарци?

– Во кривичната материја повторно ќе ги работиме предметите против полнолетни лица, за кои е пропишана казна затвор над пет години. Сега ќе можеме да изрекуваме и казна доживотен затвор. Остануваат предметите што не ги работиме, само оние кои се однесуваат за организиран криминал, оние предмети кои ги работи Одделението за организиран криминал и кривичниот суд во Скопје. Нив и понатаму нема да ги работиме. Сите останати ќе бидат во наша надлежност. Повторно ќе ги работиме таканаречените малолетнички предмети, кои се против деца сторители на кривични дела. За нив сега се користи поинаква терминологија, не се користи терминот малолетник. Не беше во ред што досега тоа беше поинаку, бидејќи сите меѓународни стандарди во поглед на постапувањето со деца сторители на кривични дела, предвидуваат тие да бидат третирани токму во средината во која живеат. Исто така, прекршоците против малолетници или деца, повторно се враќаат во надлежност на кавадаречкиот суд. Што се однесува до граѓанската материја, ни се враќаат во работа граѓанските спорови чија вредност е над 50 илјади евра. Повторно ќе постапуваме во трговските спорови, спорови меѓу правни лица. Ќе постапуваме и во стечајните предмети, кои досега ги работеше Основниот суд во Велес со проширена надлежност. Тука е и една помала материја, врзана за кривичната постапка, се враќаат и повторно ќе ги работиме и предметите за екстрадиција, кои досега исто така се работеа од велешките судии. Тоа е трансфер на осудени лица, признавање на странски судски кривични одлуки и така натаму. Веројатно, сега ваквата надлежност на овој суд, ќе значи многу попрофилирани предмети, во кривична, граѓанска и стечајна материја, кои сигурно ќе предизвикуваат и поголемо внимание на јавноста. И досега, Судот во Кавадарци беше транспарентен во своето работење, во рамките на дозволеното. Така ќе биде и во иднина.

Што е со техничкиот персонал?

– Имаше еден период, меѓу 2002 и 2006 година, кога во Судот секојдневно влегуваа на работа околу 100 вработени. Сега, околу 56 лица. Ние ќе имаме потреба од вработувања. Тоа е очигледно. Во секој случај, ќе ни требаат и стручни соработници. Ќе ни требаат и водители на одделенија, бидејќи сега ќе добиеме и трговско одделение. Кривичниот оддел ќе стане многу поголем, бидејќи ќе имаме повеќе и посложени видови на предмети. Ќе имаме предмети кои досега не сме ги имале, во смисла на уписник, како што се оцените на обвинителниот акт и слично. Може некои од тие работи да се комбинираат. Во таков случај ќе треба да има и помошник водител. Тука ќе ни биде најкритично, водители на одделенија, плус стручните соработници. За да секој судија има еден стручен соработник со кој ќе работи. Тоа би требало да биде некој стандард, кој, прашање е колку во овој момент е почитуван во судовите во државата. Дактилографи во овој момент имаме, се надевам дека ќе добиеме уште неколку во текот на следната година. Во секој случај, еден судија би требало да има еден дактилограф. Некаде стандардот би бил околу 3 службеници на еден судија, прашање е дали сега имаме 2 службеници. Имаме еден информатичар, засилување ни треба и во тој дел.

Јосифов во два мандата беше претседател на овој Суд. Сега е вршител на должноста претседател. Се очекува во многу брзо време да биде избран и новиот претседател на судот.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2019 11:14