Жените треба да бидат соодветно претставени во медиумите, а за тоа е потребно да имаме поодговорни медиуми кои ги рушат стеротипите, со тоа што ќе одделуваат повеќе простор на жени експертки. Да не се доведеме во ситуација панел дискусиите да бидат резервирани само за мажи. Од друга страна на жените експертки да не им се поставуваат само прашања од типот „Како ја балансирате работата со семејството“? Досега не сме слушнале такво прашање да е поставено и на некој маж.

Ова во интервју за МИА го вели Франческа Бинда, претседателка на Бинда Консалтинг, која оваа недела е гостин на Националниот демократски институт, во Неделата на женски права и родова еднаквост.

Смета дека уште од најрана возраст треба да се почне со уривање на стереотипите, со што уште во образовниот процес треба да се развива чувството за родова еднаквост.

Франческа Бинда е претседателка на Бинда Консалтинг. Таа е ветеран која учествувала во неколку политички транзиции во изминатите 20 години, и е најмногу ангажирана на Балканот и на Блискиот Исток.

Таа е добитник на Канадскиот медал за мир за нејзината работа на Балканот, а како експерт за избори, парламент и политички партии, Бинда работи во над 30 земји.

Пред да ја почне својата меѓународна кариера, таа три години беше висок советник на првата жена која водеше главна политичка партија во Северна Америка и оттогаш, е силен поддржувач и застапник за поголемо учество на жените во политиката.

Вие сте гостин на Националниот демократски институт во Неделата на женски права и родова еднаквост што се одбележува во земјава, со цел да се поттикнат дебати и да се пронајдат решенија за проблемите со кои се соочуваат жените во секојдневниот живот. Учествувавте и на дебатата што ја организираше Клубот на жени пратенички против говор на омраза кон жени политичарки. Неодамна бевме сведоци и на сексистички изјави против новата министерка за финансии на нашата земја. Како ја оценувате состојбата во земјава во однос на родовата еднаквост и што треба да се направи за да се подобри?

– Во Северна Македонија над 40 проценти од парламентарците се жени, што е и најголем број во регионот. Сметам дека има напредок. Овие денови се сретнав со многу силни жени во Парламентот и во политичките партии и мислам дека се направени големи чекори за подобрување на родовата еднаквост, но има уште многу работа на тој план.

Во врска со навредите кон жените, особено кон оние од јавниот и политичкиот живот, јас сметам дека луѓето што го прават тоа треба да бидат „ставени на тапет“ и да бидат посочувани јавно дека такво однесување е неприфатливо. И да почнеме да ги покажуваме со прст, на пример овој човек, или овој медиум. Јас не сум запознаена со случајот со вашата министерка, но слушнав дека имало мизогини изјави кон министерката за финансии. И сите, вклучувајќи ги и мажите, треба јавно да кажат дека тоа е погрешно.

Тоа треба да почне уште од најрана возраст. Постои училиште во Јоханесбург, во Јужна Африка, каде момчињата даваат заклетва дека нема да бидат насилни кон девојчињата и да ги почитуваат жените. Така што и во училиштата треба да почнеме да ги учиме момчињата дека има говор што не е прифатлив, дека постои однесување што не е прифатливо, така што следните генерации ќе сфатат дека малтретирањето жени исто така не е прифатливо.

Секојдневно сме сведоци на говор на омраза насочен кон жените, што е се поприсутен на социјалните мрежи, и тоа особено е насочено врз жени кои имаат важни улоги во општеството. Како треба да се бориме против овој феномен?

– Омразата сама по себе е негативен збор. Националниот демократски институт спроведе истражување за насилството врз жените во политиката и оттука сметам дека говорот на омраза е индикатор за насилство и поради тоа треба да го нарекуваме – насилство врз жените во политиката.

Имаше многу дискусии низ светот за родово базирано насилство и одлично е што зборуваме за тоа, и тука треба да го вклучиме и говорот на омраза.

Секако говорот на омраза против жените се зголемува, со растечкиот број на социјални медиуми, но тоа не е само он-лајн работа. Во Папуа Нова Гвинеја, на пример, каде што имате жени во политиката и немате многу пристап до социјални медиуми, се се сведува на озборување против жените во локалната средина и тоа е штетно за семејствата. Децата одат на училиште и слушаат ужасни работи за нивните мајки, бидејќи тие работат во некоја изборна единица, или пак мајката им се кандидирала на избори.

Во Кенија стапката на разводи се зголемува за време на избори, бидејќи таму мажите ги разведуваат жените ако не гласаат за истата политичка опција за која што тие сакаат да гласаат.

Повеќето истражувања покажуваат дека говорот на омраза и малтретирањето на жени политичари е секогаш повеќе на лична основа отколку кога е насочено против мажите политичари.

Во Канада пред две недели имаше случај. Канадската министерка за животна средина била на кино со своите деца, во еден момент им се приближил автомобил, мажот кој го возел, го отворил прозорецот и почнал да ја пцуе пред нејзините деца со најужасни зборови што може да се употребат против една жена. И сето тоа било затоа што таа е министерка и сака да ја зачува животната средина.

Имавме интересна дискусија со парламентарките не само од вашата земја туку и од регионот каде што беа споделени лични искуства со говорот на омраза и насилството. И мислам дека е многу важно за нас да ги документираме овие инциденти. Што се однесува до говорот на омраза на социјалните медиуми, се уште не знам кое е решението за тоа.

Каква треба да биде улогата на медиумите во борбата против говорот на омраза насочен кон жени и воопшто кон подобрување на родовата еднаквост?

Улогата на медиумите треба да биде тоа што ќе обрнуваат повеќе внимание како ги презентираат и ги претставуваат жените. Така што кога имате панел дискусии и кога ангажирате експерти треба да обезбедите да има родова еднаквост со експертите и да немате ниту само мажи, ниту само жени на панелите.

Ако зборувате за родова еднаквост, поканете мажи да зборуваат за родова еднаквост, како и жени. Медиумите треба многу да работат на подобрување на родовата еднаквост и да сфатат дека има и жени експерти во економија, експерти во одбрана и безбедносни прашања, а не само во „женски“ работи. Повеќе не постои нешто такво како „женски“ прашања или женски работи.

Кога зборувам за медиумското покривање, секогаш пристапувам од две прашања. Како тие се покриени, и како тие се претставени во медиумите. И мислам дека сите знаеме како жените биле покривани во минатото, или сексуализирани врз основа на тоа што носеле иако мислам дека сега можеби одиме малку понатаму. Луѓето сфаќаат дека не е соодветно на тој начин да се претставуваат жените. На секои пет години се објавува сеопфатна анализа за тоа како жените се покриени и претставени во медиумите низ светот, и во последното истражување во 2015 година е наведено дека присуството на жените во медиумите е покриено само со 24 отсто. Иако се 50 отсто од населението, само 24 проценти се слушаат во медиумите. А ако покриваат одредени сектори, како здравство и образование, тогаш нивниот процент на застапеност во медиумите се зголемува на 30 до 34.

Кога зборуваме за жените во политиката, тие се покриени само 16 проценти од сите написи во медиумите вклучително и написи и дискусии за жени и со жени, така што уште многу работа имаме за тоа како медиумите ги покриваат жените во политиката.

Честопати зборуваме за тоа како се облечени, каква им е фризурата и се уште јавно ги прашуваме жените такви прашања, какви што никогаш не им поставуваме на мажите политичари. Колку пати маж политичар бил прашан „како го балансирате работниот живот во политиката со семејството“. Можеби треба да почнеме да ги прашуваме мажите, бидејќи кога зборуваме за родова еднаквост исто така треба да имаме работни места кои се добри за семејниот живот, за да можат и татковците да одат на боледување кога детето им е болно, да сме сигурни кога зборуваме за родовата еднаквост, да размислуваме и за примерите кои ги градиме за мажите, како ги покриваме мажите во однос на жените во медиумите.

Имам пријателка која е општински советник во Либан и таа заедно со нејзин колега учествуваше на дебата на телевизија на која таа одговараше на прашања поставувани од жена новинар. Новинарката на машкиот советник му постави многу важно политичко прашање, а мојата пријателка советничка ја праша : „Дали вашиот сопруг ја поддржува работата што ја работите?“ Таа рече: „Добро ќе одговорам на тоа, а потоа ќе одиме понатаму“. Следното прашање беше: „Како успевате да ги подготвите децата за на училиште на време?“, а мојата пријателка одговори: „Не, не, извинете, на мојот машки колега не му поставивте слично прашање. Не го прашавте дали сопругата го поддржува во кариерата“. Мораме да започнеме да го „ставаме на тапет“ и да го посрамотуваме таквото однесување.

Честопати паѓаме во стапица каде што стануваме љубопитни и се уште немаме критична маса жени. На пример ако жена новинар е љубопитна за тоа како жената политичар го менаџира животот, можеби тоа треба да ја праша во приватен разговор.

Пред две години кога една млада жена се кандидираше за премиер и лидер на Лабуристичка партија во Нов Зеланд, ја прашаа дали планира да има деца во текот на кампањата, и таа одговори: „Дали маж кандидат ќе го прашавте истото прашање?“. И испадна да, таа роди дете и беше втората жена на чело на држава да се породи додека е во мандат. Така што има уште долг пат и јас ги охрабрувам жените да покажуваат со прст.

Јасно ми е, ние по природа сме љубопитни, но можеби треба да ги прашуваме и мажите како го балансираат работниот со приватниот живот.

Другото прашање во медиумите е како и дали се претставени, не се еднакво претставени. Работиме со многу жени. Ги учиме да бидат гласноговорници да комуницираат.

Често пати се случува новинар да има панел, на кој учествуваат само машки соговорници. И ако забележите продуцентите ќе ви кажат дека се јавиле во партијата и од таму побарале да пратат претставник и ги испратиле тие луѓе. Прво политичките партии кога назначуваат претставници за некое прашање, треба да внимаваат да имаат родова рамнотежа, жените да не ги праќаат само кога се говори за теми поврзани со здравство, а само мажи да прашуваат за економијата.

Политичките партии треба да бидат првите организации кои ќе инсистираат на родовата еднаквост. Но исто така и медиумите треба да бидат отчетни и да бидат одговорни. Кога канат гости на панел дискусии, треба да инсистираат на родовата еднаквост во своите панели.

Неодамна бев во Канада во посета на мојот татко, гледавме ТВ и се вознемирив бидејќи имаше дискусија на Си-Ен-Ен со тројца мажи и една жена, и татко ми не сфати зошто се нервирам додека не посочив дека тоа е погрешно. И тој ми кажа оти никогаш тоа не го забележал.

Неколку мажи во Северна Америка на Твитер секогаш го посочуваат тој проблем и одбиваат да учествуваат на панел дискусија ако нема жени. Тоа значи дека треба и мажите да бидат гласни и да го посочат тоа како проблем. Понекогаш неизбалансираните панел дискусии ги нарекуваат манелс (н.з. panels – manels) бидејќи на нив учествуваат само мажи.

Честопати и ќе слушнете „многу сакаме да повикаме и жени, меѓутоа нема жени кои се експерти на оваа тема“. Тоа значи дека мораме да поработиме на тоа да сме сигурни дека имаме начини да прибереме информации за жени кои се експерти на која било тема.

Има неколку организации кои го прават тоа, една од нив е „Браселс бајднер“ (The Brussels Binder) и тие имаат база на податоци и може да одите на нивната Интернет страница и да најдете листа со жени експертки на сите теми. Исто така постои и една американска организација што се нарекува Foreign Policy Interrupted кои промовираат написи, вести за надворешната политика, изнесени и дебатирани од жени. И тие имаат база на податоци на експертки. Така што кога Си-Ен-Ен бара експерт за надворешна политика, на пример за Турција ќе можат да ви кажат која жена е експерт на таа тема. Понекогаш треба и малку труд од наша страна бидејќи новинарите, медиумите имаат работа и им треба некој веднаш да им даде коментар и треба да знаат на кои експерти да се обратат. Затоа ние треба да имаме и да овозможиме алатки кои ќе ја обезбедат родовата еднаквост во медиумите.

Дали сметате дека родовата еднаквост е на задоволително ниво во западноевропските земји, и што таму треба да се направи за да се подобри состојбата?

-Родовата еднаквост во земјите од Западна Европа не е на задоволително ниво, дури и има назадување по тоа прашање. Но мислам дека најважната работа во врска со родовата еднаквост е исто така како таа се применува врз мажите. Треба да создаваме работни места во кои на мажите ќе им се овозможи да бидат и татковци, како и жените да бидат мајки.

Засега повеќе се фокусираме на тоа жените да можат да земат породилно отсуство, да земаат еднакви плати со мажите, што се уште не е постигнато, дури ни во Европа.

Затоа треба да обезбедиме мажите да го подобрат нивното учество во приватниот, во семејниот живот – да го однесат детето на лекар, кога детето е болно. Потребно е креирање на работни позиции кои ќе им олеснат не само на жените, туку и на мажите повеќе да бидат вклучени во семејниот живот, со што ќе се постигне и приватната сфера да биде родово еднаква.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2019 12:42