Д-р Виолета Бучковска е офталмолог и медицински директор на очната болница „Деница“. Својата кариера ја започнала на Клиниката за очни болести пред повеќе од дваесетина години. Во интервјуто за МИА д-р Бучковска зборува како е да се биде жена, истовремено очен хирург и да се раководи со болница, нешто што не е често кај нас. Таа вели дека за успех е потребна лична мотивација, но и среќа. Неизбежна е и поддршката од семејството. Да се биде жена и лидер во својата област, за неа е предизвик, но вели сатисфакцијата потоа е многу голема.

На каков начин во едно вакво општество како нашето, кое повеќе години се наоѓа во една трансформација, се постигнуваат успеси и се станува лидер во својата област, особено како жена?

– Предизвикот за успех е личната мотивација, но тука е секако и среќата. Во секој случај, ако треба да бидам попрецизна, ќе кажам дека основата бездруго е соодветното образование и лично знаење во областа во која сме одлучиле да се фокусираме. На темелот на овој факт понатаму особено важен е еден склоп на околности поврзани со местото каде ќе работиме и ќе можеме да се докажуваме, потоа односот на претпоставените кон нас, нивната наклонетост кон нашите идеи и цели, идеи и амбиции и, секако, тука е и среќата. На самиот крај, наспроти споменатото, особено важни се фокусираноста, дисциплинираноста и работната упорност и истрајност. Свесна сум дека сето погоре истакнато можеби ќе звучи како клише, но навистина сметам дека тоа е така, односно дека станува збор за еден познат рецепт за успешност што им е достапен на сите. Јас ја имав таа среќа да се вработам на Клиниката за очни болести во Скопје. Првите години од мојот ангажман не можам да кажам дека беа особено успешни, најмногу поради фактот што не ми беше овозможено докрај работно да се ангажирам преку извршување на соодветните оперативни зафати. Сепак, за моја среќа малку подоцна бев ангажирана на едно друго подрачје од офталмологијата. Ја имав среќата да бидам прифатена од страна на проф. д-р Милица Иваноска, на која сум ѝ доживотно благодарна затоа што несебично ме воведе во широкиот свет на задниот очен сегмент. Нејзините совети, сугестии, поддршка и позитивна мотивација ми овозможија сосема слободно и со голема жар да навлезам во овој дел од офталмологијата. Ваков однос каков што имав јас за време на моето професионално растење во денешно време не знам дали може да се најде. Во оваа смисла, би сакала да додадам и дека е особено важно за секоја личност, но за здравствените работници особено – да се има чесен пристап кон работата и да се нема комерцијален пристап кон пациентите, бидејќи медицината ниту е ниту, пак, смее да биде претворена во единствено економска активност.

Како жена, дали сте почувствувале дека во одредена ситуација сте ставени настрана или, пак, дискриминирани, потиснати од страна на спротивниот пол?

– Не, никогаш не сум го почувствувала тоа. Како пример, се сеќавам дека јас и колегата Арнаудовски од страна на Клиниката за очни болести во Скопје бевме испратени на едукација за фако-хирургија, која тогаш се спроведуваше во Љубљана, и можам да речам дека односот секогаш бил сосема коректен. Можеби тоа е веројатно и до мене како личност, односно до мојата упорност и карактер. Имено, во животот никогаш не сум се повлекувала затоа што нешто било доживеано како машка обврска, а друго како женска обврска. Едноставно отсекогаш пристапот ми бил дека не постои поделба на работите од тој аспект.

Како успевате да менаџирате со сите обврски? Вашата работа е мошне сериозна од една страна како очен хирург, а од друга страна е вашето семејство и ќерката.

– Можам да речам дека јас малку подоцна од другите сум почнала повеќе професионално да се надградувам. Мојата ќерка Маја во тој период беше во средно училиште и веќе беше сосема независна од мене. Тогаш почнаа моите поголеми професионални ангажмани со подолги престои во Словенија, во Бугарија, како и на други места. Сепак, ако треба да бидам подиректна, би рекла дека со еден пријателски и искрен однос членовите на семејството можат да разберат дека еден работен ангажман е значаен за вас и осознавајќи го тоа, тие стануваат вашата најголема инспирација. Таа поддршка и разбирање од семејството потоа, секако, треба и да се надомести на некој начин, бидејќи мораме да подвлечеме дека не можеме да бидеме целосно реализирани доколку сме единствено професионално реализирани, односно доколку во приватниот дел се покаже дека сме неуспешни. Балансот и задоволството од професионалните, но и од семејните состојби бил и е мојот императив. Со многу жртви и посветеност се успева, но потоа и сатисфакцијата е многу поголема.

Како го канализирате стресот по сериозни работни обврски? На пример, денеска имавте неколку операции.

– Голема филозофија е како да се обработи и да се надмине стресот. Јас се сеќавам кога го напуштив јавното здравство и почнав да работам во приватниот сектор, по еден долг период од 20 години во државна служба, ми беше многу стресно. Операциите на заден сегмент на окото имаат многу различен исход, кој секогаш не зависи од операторот, туку зависи и од кондицијата на окото што го оперирате. Јас во почетокот имав голема грижа на совестa и мислев дека јас сум виновна ако е нешто неуспешно. Ми требаше еден подолг период тоа некако да го обработам. Професор д-р Ива Петкова од Бугарија, која доаѓаше во Скопје и со која соработував во тој период, а каде што и јас претходно одев на едукација во Софија, многу ми помогна во тој правец. Кога го видов нејзиниот пристап, како таа го менаџира тоа и како го обработува стресот, постепено започнав да градам соодветни заштитни механизми. Во оваа смисла, сфатив и дека искреноста со пациентите е исклучително важен елемент што ви гарантира поголем спокој во работата независно од тежината на проблемите, кои во хирургијата знаат да бидат огромни. Имено, особено значајно е однапред да им се каже на пациентите кои се очекувањата од одреден медицински проблем што тие го имаат. Спротивно на ова, пак, сметам дека е многу погрешно ако им ветувате многу на пациентите, а реално очекувањата се мали. Кога имате реален пристап, кога реално му кажувате на пациентот што може да добиете од тоа што ќе го направите, тогаш и вашиот стрес не е толку голем. Тоа е многу поедноставно и за пациентот да го поднесе и да знае што да очекува утредента кога ќе го отвори окото.

Колку нашите граѓани внимаваат на здравјето на очите?

– За жал, многу малку. Мал е бројот на луѓе кои сериозно пристапуваат и прават редовни контроли на очите, но и на сите други придружни параметри што влијаат на видот. Многу повеќе се оние што не внимаваат доволно. На пример, денеска имавме случај со еден повозрасен пациент, кој беше буквално слеп на двете очи поради присуство на катаракта, што во денешно време е незамисливо каде било во светот. Во Македонија за видот најчесто се загрижени луѓето кои многу или постојано читаат.

Вие сте медицински директор на очната болница „Деница“. На што најмногу работите во моментот?

– Најчесто се работат катаракти, аблации по две методи и витректомии кај дијабетичари поради тоа што кај нас компликациите од дијабетичната ретинопатија се многу често застапени. Уште од самиот почеток во нашата болница работите се поставени на тој начин што меѓу персоналот има комплетна соработка и меѓу колегите не постои никаква конкуренција. Во фокусот ни е пациентот, и ова не го зборувам формално, туку суштински. Секогаш, па дури и јас која сум со најголем офталмолошки стаж, кога имам некаков сомнеж го прашувам и се консултирам и со најмладиот колега. Кога ќе му укажете доверба некому, кога ќе му покажете дека верувате во него и дека не постои суета во релациите меѓу колегите, секогаш се постигнуваат резултати. Сите работи, без разлика дали станува збор за секојдневна организација или за стратегиско планирање, ги решаваме заедно и со разбирање. Во „Деница“ во моментов работат шест лекари, пет офталмолози и еден анестезиолог. Бидејќи нашите планови се долгорочни и размислуваме за перспективата, од оваа година имаме и двајца млади специјализанти, а се надевам дека и следните години ќе продолжиме со поддршка на млади лекари, кои својата иднина ја гледаат во современата офталмологија, бидејќи во нашата држава сè уште има одредени сегменти од офталмологијата што не се доволно развиени и тоа би можело да биде нивната голема шанса. Од аспект на технологијата и медицинската опрема, ги следиме сите светски трендови и не заостануваме зад големите центри.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2019 11:18