Трпејца (од 5. до 14. октомври оваа година) ќе биде домаќин на Интермедијален собир на националните контакти на европските студенти по архитектура „INCM JATO 2019“. Доследни на темата „Јато“, организацијата на македонските студенти по архитектура одлучи околу 230 учесници да ги смести во што е можно повеќе куќи низ целото село, трансформирајќи ја Трпејца во привремено „ЕАСА село“. Иако македонските студенти и млади архитекти веќе долго време земаат учество на ЕАСА, во 38-годишното постоење на мрежата, Република Северна Македонија за прв пат е домаќин на еден од главните годишни настани кои се одржуваат. Во 2018 година, за време на INCM Vitosha, тимот на ЕАСА Македонија за прв пат беше избран ( врз основа на подготвениот проект, а во тесна конкуренција со апликантите од Малта, Турција и Латвија) како организатор на еден таков настан, поточно „INCM 2019“.

Што претставува EASA

EASA (European Architecture Students Assembly), односно Здружение на европски студенти по архитектура, претставува платформа за културна и образовна размена, која поврзува студенти по архитектура и професионалци од сите европски земји, а во последниве години и од цел свет. Од 1981 г. наваму, Здружението секое лето организира средби, спојувајќи 400-500 млади архитекти кои учествуваат во работилници, изложби, предавања и социјални настани врзани за специфична тема. Ова лето настанот се одржа во Швајцарија.

INCM (Intermediate National Contacts Meeting), односно Интермедијален собир на националните контакти, е вториот годишен настан, кој служи како инструмент за донесување одлуки . Се одржува секоја есен и тогаш се собираат сите национални контакти, вообичаено по двајца од секоја земја, да го разгледуваат минатото и да одлучуваат за иднината на EASA.По сопствена иницијатива, тимовите од различни земји даваат предлози да бидат домаќини на следните EASA и INCM настани при што се прави избор преку постигнување на консензус. Освен изборот на идните организатори, главен фокус на овој настан се дискусиите, каде младите архитекти отвораат теми поврзани со современите текови на архитектурата во светот, архитектонското образование и професија. Се обидуваат да дадат одговори на актуелни прашања и проблеми. Сето ова е проследено и со други активности, обично поврзани со темата на настанот.

Во 38-годишното постоење на EASA мрежата, Република Северна Македонија иако редовно застапена од своите млади архитекти и студенти, до сега не била домаќин на некој од главните годишни настани кои се одржуваат. Во 2018 година, за време на INCM Vitosha- Софија, тимот на EASA Македонија за прв пат беше избран како организатор на еден таков настан, поточно „INCM 2019“, врз основа на подготвениот проект, а во тесна конкуренција со апликантите од Малта, Турција и Латвија. Подолу е видеото со кое победија.

Од студенти -за студенти

Ианку, EASA не постои како формално – правно регистрирано меѓународно тело и нема главен координатор, туку претставува мрежа изградена од еднакви претставници од целиот континент. Се организира од студенти за студенти. Секоја година тимот на организатори од избраната земја- домаќин се регистрира како невладина и непрофитна организација во својата земја (или делува преку веќе постоечка таква организација) со цел успешно организирање и реализирање на настанот.

Еден од главните предизвици за секоја иницијатива поврзана со EASA е прибирање финансиски средства и менаџмент. Сите учесници на настанот плаќаат надомест за учество чија висина варира за секоја земја врз основа на економската можност за плаќање. Овие средства покриваат дел од трошоците на настанот, но не се доволни за да го финансираат целиот настан. Организирањето на ваков настан во голема мера зависи од спонзорства и грантови и организаторите се тие кои треба да ги обезбедат сите останати потребни средства преку партнери и поддржувачи.

Трпејца привремено „EASA село“

Темата „Јато“ претставува метафора за EASA заедницата, која ја поистоветуваме со јато од студенти по архитектура кое постојано мигрира на различни места, привремено населувајќи ги и влијаејќи врз нив, велат организаторите на настанот. – Градејќи го концептот за настанот, го избравме село Трпејца крај Охрид како идеална локација каде истиот може да се одржи. Доследни на темата „Јато“, одлучивме бројката од 230 учесници да бидат сместени во што е можно повеќе куќи низ целото село, трансформирајќи ја Трпејца во привремено „EASA село“. Овој настан е со времетрање од 10 дена (05.10.2019 до 14.10.2019 година) и вклучува целосна програма од презентации, предавања, дискусии, теоретски работилници, изложби и тематски вечери.

Цел- креативен развој на младите архитекти

– Воспоставување и развивање на интернационални врски помеѓу студентите по архитектура во Македонија и студентите по архитектура во цела Европа;

– Етаблирање на македонската архитектура и култура на европската архитектонска сцена;

– Креативен развој на македонската архитектура преку алтернативна настава- работилници, изложби и презентации;

– Поттикнување самоиницијативност и активно дејствување кај младите.

Посебна цел на проектот:

– Претставување на нашата земја со сите нејзини културни, историски, архитектонски и традиционални обележја, интегрирајќи ја EASA заедницата во македонски контекст;

– Презентирање на инвентивниот и креативен потенцијал на македонските студенти по архитектура, чиј стручен ракурс е рамо до рамо со студентите од сите страни на светот;

– Стимулирање и засилување на изградбата на меѓународни професионални релации, преку размена на креативниот и апликативниот дух на идните архитекти;

– Поттикнување интеракција и позитивно меѓусебно влијание на EASA заедницата и локалното население во Трпејца.

Очекувани резултати

Околу 230 меѓународни учесници, од кои повеќето за прв пат ќе ја посетат Република Македонија;

Околу 100 надворешни посетители за време на -Отворениот ден на настанот, меѓу кои студенти по архитектура кои немале директно учество на настаните на EASA заедницата, ќе се информираат и инспирираат за идно учество и придонес; професори, архитекти и други заинтересирани лица од областа на културата и уметноста. Секако дека овие квантитативни резултати не се за потценување, а уште повеќе и квалитативните:

– Докажан потенцијал и способност на македонските студенти и на Р.С. Македонија како земја да имаат активно учество и придонес кон меѓународни мрежи како ЕАСА;

– Зголемена видливост на нашата земја во европски рамки и промовирање на квалитетите кои ги поседува;

– Зголемена информираност на македонските студенти по архитектура и професионалци од областа на архитектурата и поттикнат стремеж за соработка со EASA заедницата;

– Позитивно и едукативно влијание на локалното население од Трпејца врз EASA заедницата и обратно;

– Зголемена посетеност и заживување на село Трпејца вон летната сезона.

ВЛИЈАНИЕ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА

На македонската манифестација ќе гостуваат околу 200 европски студенти по архитектура од сите земји кои се дел од EASA, и околу 30 –ина македонски студенти и млади архитекти. За посетеноста на настанот се одговорни националните контакт-претставници на секоја земја, помошници, поголеми тимови од неколку земји кои ќе се претставуваат, гости, како и тимот на организатори.

Настанот сам по себе е од голема важност и за локалното население, бидејќи позитивно ќе се одрази врз Трпејца со тоа што ќе се одвива вон летната сезона ќе го заживее селото.

Честа практика на учесниците на било кој EASA настан е останување подолго по завршувањето на настанот во земјата каде се одржува и понатамошно истражување и посета на други места и локации низ истата. Па така, по завршувањето на INCM JATO 2019, повеќето од нив ќе имаат можност уште подобро да се запознаат со Република Северна Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2019 01:05