Коле Ангеловски е театарски и филмски актер, режисер, сценарист, писател и раскажувач, драматург, чиј творечки опус е броен и разновиден, а бројни се и наградите и признанијата што ги добил за петдецениската работа, меѓу кои наградата на Град Скопје „13 Ноември“ и државната награда за животно дело „11 Октомври“. Годинава Коле Ангеловски беше прогласен за лауреат на 11. Интернационален театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. На официјалната церемонија на доделување на признанието беше прикажан и биографски филм за Ангеловски, а се промовираше и неговата книга „50 години Драмски и клоцата во…“. Тоа беше повод да поразговараме со Ангеловски за неговата досегашна и тековна работа, за неуморното дејствување во тетарската и филмската уметност.

Имате бројни признанија, награди за вашата петдецениска плодна работа за улогите што сте ги глумеле, за претставите што сте ги режирале, но што значат за вас ваквите награди, именувани како признанија за животно дело?

Ваквите награди се специфични, да, ги имам многу, од „13 Ноември“ наградата на Град Скопје, „11-октомвриската“ државна награда, десетина за животно дело, сè до оваа од театарскиот фестивал во Крива Паланка, која, мора да кажам, ми е еднакво драга, ме изненади и ме израдува истовремено, бидејќи е во чест на љубовта, ентузијазмот на овие луѓе посветени на театарот, кои сакат да направат нешто убаво за граѓаните. Иако нема театар во Крива Паланка, сакаат да им ги прошират светогледите на граѓаните, затоа ем ми е убаво ем ми е драго што годинава сум јас лауреат на фестивалот.

Како вие, дете на свештеник, необично за тоа време, крај на 50-тите години од минатиот век, одлучивте да заминете на актерска и филмска академија во Белград? Што беше пресудно да решите дека тоа ќе биде ваша идна животна професија и преокупација, сè до ден-денес?

Има една многу интересна случка со силен ефект врз мене, мојата прва средба со театарот, толку јака што во подоцнежниот живот ме поттикна театарот и филмот да бидат мој светоглед. Тетка ми беше глумица и ме однесе во театар, а јас имав само пет години. Тоа беше во оној оригиналниот театар што го изградил Бранислав Нушиќ пред Втората светска војна, денешен МНТ. Тетка ми ме одведе на детска претстава со марионети во која таа глумеше, т. е. позајмуваше глас и раководеше со една од улогите. Ме смести во ложа блиску до соблекувалните и претставата почна. Беше некоја детска бајка, со воз на сцената, кој одеше на сите страни, со шумска сцена, а јас, во една од улогите, во желката го препознав гласот на тетка ми. Кога заврши претставата, ја видов желката како се доближува кон мене, се движи на сцената, а јас се фрапирав – желката одеше до гардеробите и кога тетка ми ги закачи командите за марионетата, желката умре. Тоа за мене беше толку силен момент, со интензивен ефект, кој предизвика лавина емоции кај мене што јас недвојбено родив желба да бидам дел од светот на магијата на театарот. Како младинец бев долго време член на детската радиодрама, подоцна заминав на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а оттаму ви е познато.

Денешните генерации живеат во комплетно поинаков свет, со социјални мрежи, без квалитетна аудио и аудиовизуелна понуда што ќе ги привлече, ќе ги анимира и ќе ги едуцира. Што мислите за тоа, можат ли да се променат нештата?

Денес речиси нема радиодрами, многу е променето буквално сè. Оваа дигитализација и наплив на технологија, мобилни телефони, комплетно го променија животот. Повеќе ништо не е исто, не е како што беше, а мислам дури и дека многу скоро и телевизиите ќе престанат да работат, ќе бидат непотребни. Веќе ниту една телевизија, освен дневници и разговори во живо, нема никаква продукција. Песните ги снимаат пејачи, им ги даваат на телевизиите, се купуваат евтини серии, а нема сопствена продукција. Дури и што е многу чудно и интересно, и спортските натпревари што се емитуваат од кај нас, оние поголемите, преносите не ги вршат наши македонски екипи, туку доаѓаат странски екипи, зашто нашите не ги исполнуваат потребните технички услови. Мислам дека во иднина ќе има големи продукции, приватни компании со големи буџети што сервираат готови продукти по целиот свет, како што немаме ние ни индустрии, нема автомобилска индустрија во државата, порано барем „фиќо“ се произведуваше, ама нешто се произведуваше. Веќе нема ни такви силни театарски претстави како порано, ќе се сведеме на домати и пипер, на земјоделство, како што тргнале нештата, а ќе нема ни работна сила, па којзнае до каде ќе оди ова…

Во вашата биографија се запишани над 60 филмски улоги, 140 режирани претстави, импозантна бројка остварувања за еден работен век, од улогата во „Саша“, преку режија на „Викенд на мртовци“, до денес. Како се достигнува таква богата продукција, што е главниот катализатор на работата?

Само за претставите, околу 140, ако една се работи во просек по два месеци, имам 280 месеци непрекината работа. И тука нема запирање, едноставно се движите, влегувате во работата и врвите. А работите се сосема различни, филм и претстава се неспоредливи и бараат различни нешта. Снимањето филм е преубаво, особено како глумец, се дружиш околу два – три месеци со екипата, сè е убаво, убава енергија. Да режираш филм е многу тешка работа, најтешка, дури ужасна. Секој што ќе рече ќе режира филм, уште во истиот момент наидува на пречки, се мешаат партии, други фактори, па за да дојдеш до средства за работа е макотрпно. Јас, на пример, по „Викенд на мротвци“ чекав триесет и кусур години за да добијам средства да снимам филм. Ми одобрија пред две години, за филмот „Ах, љубов моја“, околу 200.000 евра, што е минорна сума, да не речам смешна, бидејќи во тоа немаш ниту за плакати, билборди, за многу малку потребни нешта. Се знае дека други режисери работат со милионски суми, а многу повеќе пари им се доделуваат и на дебитанти. И мора да кажам, дури и никој не го интересира постпродуктивно, дали ќе се пушти некаде тој филм, не се промовира, па потоа, кој ќе го види – се нема интерес. Додека, пак, да режираш во театар е многу убаво, иако умеат и тука да се вмешаат политики. Сепак, добиваш некаков буџет за работа, имаш други луѓе кои се грижат за гардероба, сцена, одржуваш проби со глумците и има убава енергија. Едноставно, задоволство е да се работи со глумците, без разлика дали е тоа во Скопје или во Штип, Битола, Велес.

Кога сме кај претставите во најава, најавувате претстава со Чорески и Костовска, со други театри од државата.

Има еден многу убав текст, еколошки, претставата „Залив“, со која конкуриравме со Благоја Чоревски и Марија Костовска на годишната програма на Министерството за култура, но не добивме средства, а текстот е одличен и имам екипа од двајца врвни мајстори на актерската игра, па следува период во кој ќе договараме дали во Драмски тетар ќе ни дозволат да работиме, а да ја прикажуваме како самостоен проект. На крајот на годинава треба да работам една интересна претстава за прилепскиот театар, кој на 18 февруари 2020 година слави 70 години тетатар. Тоа ќе биде текст за „Перо, Миле и Нова година“, која е многу апсурдна приказна, англиски е текстот, а јас го преведов и го адаптирав. Темата на претставата е трагична, сентиментална приказна во која ќе играат само ветераните на прилепскиот театар. Сè на сè, работам сè уште, работејќи го она што ме прави среќен и ми причинува задоволство.

Можете ли да издвоите некое филмско остварување, улога, претстава што на каков било начин е посебна за вас?

Има претстави или филмови што многу ми се драги, а за нив не сум добивал награди, па ми се драги на свој начин, за други, пак, сум добивал награди и тие ми се драги. Но од оние драми што сум ги режирал, нормално, би ја издвоил „Солунски патрдии“, зашто тоа е можеби и светски рекорд, една претстава да биде 29 години на репертоарот, да се игра редовно и да играат истите глумци кои почнале пред 29 години, почнувајќи од Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски, кои беа студенти кога почнаа и отидоа во пензија со оваа претстава. Има претстави што се играат и подолг временски период, повеќе години, но со различна екипа глумци. Но овие глумци во „Солунски патрдии“ се непроменети, секако, имало периоди кога во одредено прикажување не биле во можност да се појават, па биле заменувани, но пример Гоце Тодоровски нема испуштено ниту едно поставување на претставата досега, ги има одиграно сите прикажувања во овие 29 години, колку што живее на сцената. И со оваа претстава има една интересна случка, кога Ванчо се разболи, претставата распродадена, 350 билети продадени, не може да се откаже, а Игор Џамбазов постојано како студент ги следеше пробите и пред претставата нема кој да го замени Ванчо, Игор вели: „Јас ќе играм.“ Се зачудив, му велам: „Како без ниту една проба, не е можно“, но тој се нафати, а одигра маестрално, од сцени, реплики, до мизансцени… беше феномен. Така што оваа претстава е многу карактеристична и особено ми е драга.

Ваква работа значи и долги отсуства од домот, семејството. Како тие, вашата сопруга, фамилијата, го поднесуваа тоа, бидејќи во обраќањето кога ја примивте наградата лауреат – рековте вашата сопруга не ја обожавала вашата професија?

Работењето на театар и филмови, особено на филмските ангажмани, значи долги месеци работа надвор од дома, понекогаш месеци, гастарбајтерски сум работел, да речам во Босна и Херцеговина сум проживеал вкупно пет години. Секако дека сум отсуствувал и сум бил далеку од дома, а по моите стапки не тргна ниту едно од моите деца, едната ќерка ми е во опера, работи сценско-уметничка дејност. Она што ми импонира е тоа што јас застапувам тип работа што публиката ја сака, за да ужива кога ќе дојде на претстава, да се ослободи од секојдневните грижи, да дојде два часа и да се смее и да се чувствува убаво. Тоа ми дава позитивен фитбек и мотив за работа, но тоа, од друга страна, критичарите не го ценат, па пишуваат и критики, но тие критичари си остареа и некои веќе се откажаа од таа работа, а јас еве уште си работам и создавам убави нешта на задоволство на публиката.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2019 11:10