Промена на кровната конструкција, изведба на термо фасада, енергетско ефикасна столарија, поставување на сончеви колектори за производство на електрична и топлинска енергија, замена на системот за парно греење, реконструкција на санитарните јазли, како и поставување на нови подни површини. Ова се градежните активности кои се вршат во детската градинка „Калинка“ во Валандово која се очекува да се реотвори до крајот на годината.

-Ние како општина вложуваме за нашите сограѓани. Конкретно за градинката, конечно децата и воспитувачите заслужуваат пријатна атмосфера и подобри услови. Оваа градинка датира од 1980 година и има капацитет за 180 деца, веруваме дека ова ќе биде пример и за остантите општини да инвестираат во нивната иднина, вели Перо Костадинов градоначалник на Општина Валандово.

Вкупната инвестиција во градинката „Калинка“ изнесува 388 илјади евра, а Министерството за локална самоуправа кофинансира 15 отсто од вкупната сума.

-Министерството за локална самоуправа го кофинансира проектот преку ИПА прекуграничната програма на Европска Унија помеѓу нашата земја и соседна Грција, а носител на проектот е општина Валандово. Навистина ни е драго што ќе може оваа градинка да ја реотвориме до крајот на годината, потенцира Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

По завршувањето на реконструкцијата, како што информира Министерството за локална самоуправа, градинката ќе трши 70 отсто помалку енергија и ќе нуди целосно подобрени услови за дечињата. Обновата е дел од проектот „Евалуација на мерки за енергетска ефикасност“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2019 11:11