„Модерниот живот претставува голема опасност за нашето здравје, го уништува нашето тело и нашиот дух. Брзата храна, генетски модифицираната храна, електро магнетското загадување се закани на модерното живеење. За да го зголемиме животниот век потребно е да се грижиме за себе во младите и средните години од нашиот живот. Пред сè мора да се бориме против дебелината, а тоа значи да јадеме повеќе органска храна, а помалку ГМО и процесирана храна, да се исклучи од исхраната бел скроб, рафиниран шеќер. Повеќе пешачење, повеќе физичка активност. Но најважно од сè е да се сакаме себеси! Може да бидеме екстремно физички активни, да јадеме чиста, здрава органска храна, да живеете здраво, но доколку нема насмевка на вашето лице, останатото е залудно“.

Ова го препорачува д-р. Ендер Сарач, турскиот гуру за здрав начин на живот, кој денес беше гостин на Меѓународниот Балкански Универзитет каде одржи предавање на тема „Како да останеме секогаш млади, среќни и здрави”, на кое зборуваше за тајните на здравиот и долг живот.

Познатиот експерт за здравиот начин на живот вели дека е многу важно обемот на струкот да не надминува 94 сантиметри кај мажите, а 88 сантиметри кај жените, бидејќи тоа на некој начин претставува индикатор за здравствената состојба.

„Спиењето исто така е многу важно за организмот. Помеѓу 1 и 1 и 30 по полноќ важно е веќе да бидеме во фаза на длабок сон бидејќи најважниот хормон во телото, хормонот за раст, токму во тој период се лачи. Многу е важно и навечер да не се легнува со полн стомак, туку со празен“, препорачува Сарач.

Препорачани намирници се мешунките, зелениот зеленчук, ладно цедено маслиново масло, намирници кои се богати со протеини, но непроцесирани протеини, месо и риба од безбедно органско потекло, органски јајца и јајца од препелица, јогурт и кефир и сирење. И секако лимонот кој е најдобриот прочистувач на организмот.

Д-р. Ендер Сарач е познат автор на книги за здрав живот, здрава храна, тајните на ајурведа, духовно здравје и експерт за здрав начин на живот, диети, акупунктура, алтернативна медицина и други области.

Турскиот гуру по завршување на предавањето, во дворот на Меѓународен Балкански Универзитет засади дрвја кои се неопходни за здравиот начин на живот и позитивната енергија кај луѓето.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2019 17:29