Универзален пристап до сексуалното и репродуктивното здравје, финансирање на Акциската програма на Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД), демографски диверзитет со цел економски развој, елиминирање на родово базирано насилство и штетни пракси, како и право на сексуално и репродуктивно здравје во услови на хуманитарни кризи, се петте приоритетни области за кои ќе се расправа на претстојниот Самит на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Најроби, вели шефицата на канцеларијата на УНФПА во Македонија, Афродита Шаља.

Според неа, овие приоритетни области претставуваат насока за националните и локални заложби на владините тела, граѓанските организации, бизнисите и државите од цел свет, со цел нивно исполнување до 2030 година.

Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) е организатор на еден од најголемите самити во последните години, што ќе се одржи во Најроби, Кенија, од 12 до 14 ноември. Која е целта на тој собир?

Самитот во Најроби одбележува 25 години од одржувањето на Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД) што се одржа во Каиро, во 1994 година, кога 179 влади ја усвоија историската визионерска Акциска програма. Таа програма ги става луѓето во центарот на светските развојни процеси и ја зајакнува родовата еднаквост. Светот посветено ги засилува напорите за постигнување на Одржливите развојни цели до 2030 година (таканаречената Агенда 2030 на Обединетите нации) и постојано се повикува на ИЦПД, бидејќи тоа е суштината на постигнување на овие цели.

Оттука, Самитот во Најроби ќе ги мобилизира политичката волја и финансиските заложби коишто се итно потребни за исполнување на програмата на ИЦПД, ќе ги сублимира заложбите за превенирање на мајчината смртност, елиминирање на незадоволената потреба за семејно планирање, родово базирано насилство, детски бракови, јакнење на човечкиот капитал во државите каде што се менува структурата на населението, како и други теми.

Тие заложби, без разлика дали се политички или финансиски, ќе бидат усогласени на глобално, регионално, национално и локално ниво од страна на владите, бизнис-секторот, фондациите и други организации.

Се очекува на Самитот да присуствуваат околу 5.000 делегати од цел свет, а и Република Македонија ќе има своја делегација. Која ќе биде структурата на настанот и кој ќе присуствува?

Се очекува на Самитот да присуствуваат околу 5.000 делегати од околу 140 држави, вклучително и претседатели, министри, премиери, парламентарци, лидери на локални заедници, претставници на граѓански организации, младински мрежи, експерти, академци, меѓународни финансиски институции, лица со посебни потреби, медиуми, други агенции на ОН итн.

Република Македонија беше една од државите, потпретседавачи на Конференцијата во Каиро пред 25 години, заедно со Романија и Унгарија од регионот на Источна Европа. И сега, на Самитот во Најроби, делегацијата поддржана од УНФПА ќе учествува со 12 члена од различни министерства, институции, асоцијации и граѓански здруженија, меѓу кои сопругата на претседателот, високи претставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, парламентарци, претставници на стручни асоцијации, на граѓански здруженија, на младите, како и на медиумите.

Самитот не е класичен настан на ОН, туку собир каде што освен пленарни седници на високо ниво, ќе се одржуваат и работилници, тркалезни маси, изложби и настани од областа на културата. Идејата е да се соберат претставници со различни перспективи да изнајдат заедничка основа што ќе резултира со решенија што ќе ги рефлектираат заедничките вредности.

Дали се очекуваат одредени заклучоци од Самитот и со каква динамика би се реализирале?

Самитот ќе биде платформа каде што владите и другите организации ќе ги објават своите доброволни, национални, регионални и глобални заложби, вклучително и финансиски, за тоа како би го забрзале процесот на развој. Тука ќе се вклучат и иновативните финансиски модели од владите, меѓународните финансиски институции, како и приватниот сектор, коишто се неопходни за остварување на Агендата 2030.

Глобалните заложби се групирани околу пет приоритетни области – универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје како дел од универзалната здравствена покриеност, финансирање на Акциската програма на ИЦПД, демографски диверзитет со цел економски развој, елиминирање на родово базирано насилство и штетни пракси, како и право на сексуално и репродуктивно здравје во услови на хуманитарни кризи. Тие претставуваат насока за националните и локални заложби на владините тела, граѓанските организации, бизнисите и други, на државите од цел свет, со цел нивно исполнување до 2030 година.

Самитот ќе има интегриран пристап кон овие теми со акцент на јакнење на родовата еднаквост, лидерството на младите, политичко лидерство, иновативни решенија и различни партнерства во насока на забрзување на светскиот развој.

Горда сум што сум дел од оваа значајна приказна. Тимот на УНФПА и семејството на ОН остануваат подготвени посветено да работат со Владата и со сите партнери за да ги постигнат целите за одржлив развој до 2030, а со тоа и Акциската програма на ИЦПД.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2019 10:46