Во кино „Милениум“ почна 18. Фестивал на европски филм „Синедејс“ кој е отворен со премиера на македонски филм – „Ефектот на среќата“ во режија на Борјан Зафировски.

Филмот е урбана драма за универзалната потрага по среќа и смислата на животот. Раскажува приказна за Леа – млада девојка која се бори за своето здравје. Додека си го преиспитува животот, таа почнува необична потрага по среќа и да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе. Улогата на Леа ја игра младата Дејана Попоска, која живее и работи во Париз каде што студирала глума.

Режисерот Зафировски е задоволен од филмот зад кој, како што вели, стои стопроцентно. За МИА изјави дека целата изработка на филмот – од почетокот на сценариото до премиерата, траела речиси шест години. Сценарито се пишувало три години, а во последната фаза соработник му бил Дејан Дуковски. Продукцијата и постпродукцијата траеле околу три и пол години.

На прашањето како дојде до соработка со младата Попоска, рече дека приказната е долга и е низа од коинциденции.

-Таа дојде на кастинг за некоја споредна улога, но беше многу добра. Во меѓувреме јас не можев да го најдам главниот лик, кој беше пишуван за машко, и во последен момент одлучив да ја земам Дејана Попоска и машкиот лик да го сменам во женски лик, рече Зафировски.

Тој веќе завршува сценарио за нов долгометражен филм со наслов „Дневникот на еден хедонист“. – Слична е темата како во „Ефектот на среќа“ зашто мое поле на интерес се психологијата, среќата, потрагата по смислата, додаде Зафировски.

Покрај Дејана Поповска, во актерската екипа на неговиот филм се и Сашко Коцев, Ана Стојановска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Кинематографер е Димо Попов, монтажата на филмот ја направи Андрија Зафрановиќ, а композитор е Огнен Атанасовски.

На првиот фестивалски ден на „Синедејс“ ќе има уште една проекција во „Милениум“ – од 22.30 часот ќе биде прикажан јужнокорејскиот „Паразит“, кој годинава ја доби „Златната палма“ на Канскиот фестивал.

До затворањето на 15 ноември, на „Синедејс“ ќе бидат прикажани повеќе од 100 филмови, во единаесет програми, меѓу кои се и двете селекции со филмови за награди – Официјалната и СинеБалкан, како и гала-програмата која и оваа година ги донесува најдобрите и наградувани филмови на европските фестивали.

Во придружната програма ќе има десет работилници, предавања и мастеркласови, седум концерти и диџеј-сетови. Фестивалот ќе се одржуав во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Џебното кино на Младинскиот културен центар.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2019 01:45