Како Влада мора да ги решаваме тековните проблеми, а ако ги прашате стопанствениците човечкиот кадар им е најголемиот проблем со кој се соочуваат и токму затоа создаваме услови за зголемување на платите, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Мора да им помогнеме на компаниите да ги задржат луѓето. Затоа во фокус на Предлог буџетот за 2020 година ќе бидат инвестициите во човечки капитал. Зголемувањето на платите и пензиите не е предизборен поткуп, туку се заснова на растот на економските бројки во последните две години, рече Анѓушев во емисијата „Топ тема на ваша страна“ на ТВ Телма.

Тој во интервјуто додаде и дека без разлика која политичка партија ќе победи на предвремените избори донел одлука да се повлече од политиката заради тоа што бизнисот му трпел последици.

„Кога влегов во политиката и станав вицепремиер во Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто. Тоа не е само заради неучеството на тендерите, туку и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ниедна партија, нема да продолжам со политиката во перспектива“, рече Анѓушев



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2019 23:41