Во САД денеска почнуваат јавните сослушувања во истрагата за отповикување на претседателот Доналд Трамп.
Според политичките аналитичари тоа е „настан што се случува еднаш во животот“.
Отповикани од американскиот Конгрес досега биле двајца американски претседатели, Ендрју Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон во 1998 година. Трамп има голема шанса да им се придружи.
Ричард Никсон, кој беше соочен со импичмент, си поднесе оставка во 1974 година, пред да се спроведе гласањето.
Истрагата за „злонамерното“ однесување на Трамп, како што обвинуваат демократите беше иницирана во септември, по извештај на анонимен припадник на американските разузнавачки служби за телефонски разговор помеѓу Трамп и Волдомир Зеленски, претседател на Украина.
Од разговорот се дозна дека Трамп водел паралелна надворешна политика кон Украина со цел Киев да започне истрага за украинскиот бизнис на политичкиот ривал Џо Бајден, поранешен потпретседател, во замена за одблокирање на американска воена помош.
Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом ја надгледува истрагата, која со недели се одвиваше зад затворени врати, кога беа сослушани поранешни и актуелни дипломати и официјални лица.
Законодавците во Конгресот и граѓаните низ целата држава ќе имаат можност да го слушнат распитот на американскиот дипломат во Украина Вилијам Тејлор, како и на Џорџ Кент, заменик државен секретар кој ги надгледува односите со Украина.
Претседателот на Комисијата за разузнавање Адам Шиф, изјави дека Тејлор, Кент и третиот сведок Мари Јовановиќ, која е закажана да сведочи в петок, зад себе имаат децении посветена служба за државата, и оти верува дека нивното сведочење ќе биде од суштинско значење за американските граѓани.
И Тејлор и Кент, изјавија дека Трамп побарал од украинскиот претседател Зеленски да отвори истрага за неговиот политички ривал Бајден, пред да одобри 391 милиони долари воена помош за Киев, која САД ја дава годишно, во борбата против проруските сепаратисти во источниот дел на државата.
Републиканците ја отфрлаат истрагата и бараат сведочење на други лица, како синот на Бајден, Хантер и анонимниот „свиркач“, за кој се уште е неизвесно дали ќе му се открие идентитетот.