За Русија процесот на отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп и обвинувањата за мешање на Москва во изборите во САД, се слични и имаат „малку врска со реалноста“.

На прашањето за денешното сослушување во американскиот Конгрес, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков рече дека „има многу работи во кои е тешко да се поверува“.

Песков, портпарол на Владимир Путин, го спореди процесот против Трамп во Конгресот со американските обвинувања за руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, за кои рече дека имаат „мала врска со реалноста“.

Во САД денеска почнуваат јавните сослушувања во истрагата за отповикување на претседателот Доналд Трамп. Истрагата за „злонамерното“ однесување на Трамп, како што обвинуваат демократите беше иницирана во септември, по извештај на анонимен припадник на американските разузнавачки служби за телефонски разговор помеѓу Трамп и Волдомир Зеленски, претседател на Украина.

Разговорот наводно имплицира дека Трамп водел паралелна надворешна политика кон Украина со цел Киев да започне истрага за украинскиот бизнис на политичкиот ривал Џо Бајден, поранешен потпретседател, во замена за одблокирање на американска воена помош.

Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом ја надгледува истрагата, која со недели се одвиваше зад затворени врати, кога беа сослушани поранешни и актуелни дипломати и официјални лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2019 21:55