Романската кандидатка, Адина Валеан, задолжена за транспорт и францускиот кандидат за внатрешен пазар, Тиери Бретон, добија зелено светло од европратениците за да ги извршуваат функциите за кои ги номинираше избрана претседателка, Урсула фон дер Лајн.

Денеска се одржаа трите последни сослушувања во тимот на фон дер Лајн, откако претходните кандидати од Романија, Франција и Унгарија беа отфрлени од страна на европратениците, и беа предложени тројца заменици.

Валеан од Романија за транспорт, Бретон од Франција за внатрешен пазар и Оливер Вархелји од Унгарија за проширување и соседска политика.

Од тројцата кандидати, само Вархелји не го положи тестот, бидејќи кандидатот не успеа да ги убеди пратениците во неговата независност во однос на владата на Виктор Орбан.

Романската кандидатка, пак, иако беше силно критикувана од бројни пратеници поради непознавање на некои досиеја поврзани за нејзиното портфолио, сепак успеа да го добие потребното двотретинско мнозинство во парламентарната комисија за транспорт. Групата на Зелените, меѓутоа, најави дека ќе и испрати на кандидатката дополнителни писмени прашања бидејќи не се задоволни од нејзините одговори во делот на животната средина и заштитата на потрошувачите.

Зелените најавија дополнителни писмени прашања и за францускиот кандидат, a главни теми на загриженост за нив како и за радикалната левица се конфликтите на интереси на Бретон во врска со неговите претходни активности. Перформансот на Бретон меѓутоа го доби потребното мнозинство за да биде потврден.

Валеан и Бретон ќе можат да седнат во комесарските фотелји доколку Европскиот Парламент ја изгласа Европската Комисија во целост.

За тоа да се случи ќе треба претходно унгарскиот кандидат, Оливер Вархелји да одговори на дополнителни писмени прашања до понеделник на пладне. Европратениците бараат гаранции за неговата независност од Орбан. Доколку не ги убеди ниту преку писмени одговори, не е исклучено да биде закажано уште едно сослушување до крајот на овој месец.

До овој момент останува неизвесно кога и дали ќе биде номиниран британски еврокомесар.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2019 19:53