Полјакот Доналд Туск, претседател на Европскиот совет, е единствениот кандидат за лидер на Европската народна партија (ЕПП), соопшти денеска десничарската паневропска партија, цитирана од француските медиуми.

За првпат политичар од Источна Европа ќе го предводи големото семејство на европската десница, во која членуваат партии како германските демохристијани или француските републиканци, пренесе БТА.

Се очекува Туск официјално да биде номиниран во среда, на конгресот на ЕПП во Загреб. Околу 700 делегати ќе гласаат тајно и резултатот ќе биде објавен истата вечер, изјави портпаролот на ЕПП. Туск (62) во последните пет години ја имаше една од клучните функции во европските институции – претседател на Европскиот совет. На 1 декември тој ќе му го остапи местото на поранешниот белгиски премиер Шарл Мишел.

Пред оваа функциуја, Туск од 2007 до 2014 беше полски премиер.

Мандатот на претседателот на ЕПП е во времетраење од три години и може да биде обновен неограничен број пати.

Белгиецот Вилфрид Мартенс со партијата раководеше дури 23 години, од 1990 до 2013 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2019 22:23