Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изрази гнев поради шпекулациите за неговата здравствена состојба по непланираната посета на воената болница во Вашингтон изминатиот викенд.

Американскиот претседател кој има 73 години, во саботата отиде во болницата Волтер Рид на годишен преглед, соопшти Белата куќа. Таа ненајавена посета, која дојде само девет месеци по претходната, отвори голем број прашања во јавноста.

На состанок со членовите на неговиот кабинет во Белата куќа, Трамп денеска се пожали дека неговата сопруга го прашала дали е во ред кога се вратил од доктор, и оти се зборува дека има проблеми со срцето.

– Таму бев кусо време, рутински. Направив неколку лекарски прегледи, остатокот ќе го направам во јануари, додаде Трамп и почна да ги напаѓа медиумите.

– Тие луѓе се болни! Медиумите во оваа земја се опасни. Деновиве немаме слобода на печатот, го имаме спротивното. Имаме корумпираните медиуми и се надевам дека ќе се освестат затоа што тоа е многу лошо и многу опасно за нашата земја, рече тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2019 09:45